Европската комесарка за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, денес изјави дека ако Европската Унија плати за оружје за Украина, тоа ќе биде европска поддршка, а не поддршка на американскиот претседател Доналд Трамп.
Таа го кажа ова по повод најавата на Трамп дека Америка дополнително ќе ја вооружува Украина, што всушност ќе го плати ЕУ, а како што пишува Гардијан, предизвика тензии и несогласувања меѓу Брисел и Вашингтон.
„Ако ние платиме за тоа оружје, тогаш тоа е наша помош. Тоа е европска поддршка и ние правиме сè што можеме за да ѝ помогнеме на Украина“, рече Калас.
Според неа, Европската Унија ја поздравува најавата на Трамп дека ќе испрати дополнително оружје во Украина, но сака САД да го споделат товарот, и дека ако некој ветува помош, што ќе ја платат други, тогаш тоа не е негова помош, туку на оној што плаќа.
Специјална конференција на земјите што поседуваат ракетни системи „Патриот“ и донатори на помош за Украина би можела да се одржи следната среда, под претседателство на врвниот воен командант на НАТО, пишува „Ројтерс“.
Според претставници на НАТО, алијансата планира да ги координира испораките на оружје преку механизмот за безбедносна помош и обука на Украина, кој е со седиште во Германија.
Поранешниот амбасадор на САД во НАТО, Курт Волкер, изјави дека Украина би можела да добие помеѓу 12 и 13 „Патриоти“, но дека нивната испорака би можела да трае и до една година, а Трамп неодамна ги збуни сојузниците тврдејќи дека една земја-членка има 17 „Патриоти“, од кои некои „ќе одат директно во Украина“, но освен САД, ниедна друга членка на НАТО нема толку голем број од овие системи, објаснува „Гардијан“.
Во врска со вооружувањето на Украина, се огласи и заменик-претседателот на Украина, Володимир Зеленски, велејќи дека земјата мора да го зголеми уделот во домашното производство на оружје на 50 проценти во рок од шест месеци.
„Нашата цел е да постигнеме половина од домашното производство во првите шест месеци од новата влада“, рече Зеленски, додавајќи дека се потпира на новата премиерка на земјата, Јулија Свириденко, и новоназначениот министер за одбрана, Денис Шмихал, за спроведување на оваа стратегија.
Во исто време, украинскиот заменик-министер за надворешни работи Андриј Сибиха ја повика Европската Унија да воведе нови санкции врз Москва, отфрлајќи ги како „лаги и манипулации“ тврдењата на Русија дека Украина ги отфрла мировните преговори, пренесува Танјуг./Макфакс
Текстот Калас: Ако ЕУ плати за оружје за Украина, тоа ќе биде европска помош, а не туѓа е превземен од МАКФАКС.