Во последните денови, а и месеци ситуацијата премногу се злоупотребува, а тоа е бидејќи се приближуваат избори. Во нашата држава не се гради никаков камп за мигранти, туку нова зграда на Прифатен центар за странци, нешто што во нашата држава го има повеќе од 20 години. Како што вели Спасовски, зградата на актуелниот центар за странци се наоѓа во Гази Баба, а со оглед на тоа дека не ги исполнува условите, се прави нова. Ова, како што вели тој, во никој случај не е поврзано со Авганистанци или било какви други мигранти и бегалци. Појасни дека новата зграда се гради во Стенковец, на имот на МВР.
„И се гради нова зграда за Центарот за странци, во Стенковец. Сега, тука е таа манипулација што се прави со граѓаните, дека такво нешто се гради во Бардовци во населено место и слично. Значи, Центарот за странци се гради во Стенковец, на парцела која што е на МВР, целосно финансиран проект од ЕУ“, посочи Оливер Спасовски.
Во центарот за странци, се задржуваат странски државјани кои што не можат во рок од 24 часа да ја напуштат државата, туку треба да помине одредена постапка. На пример, најчесто станува збор за сезонски работници кои што се во државата, граѓани кои што им истекла дозволата за престој, забавувачи во угостителски објекти.
Оние кои што сега ќе пристигнат од Авганистан, нема да бидат сместени таму. Спасовски ја потврди информацијата испратена од Владата дека тие ќе се сместуваат во хотели или мотели.
„Државјани на Авганистан, кои што работеле во мисијата на Обединетите нации, во мисијата на САД, Националниот демократски институт или во Невладини организации кои што се занимаваат со човекови права и членови на нивни семејства. Овде не станува збор за мигранти кои што го напуштаат Авганистан и доаѓаат тука“, истакна Оливер Спасовски.
Истото го тврди и премиерот Зоран Заев, кој воедно порача дека трошокот за привременото сместување на овие лица ќе биде на сметка на САД или организациите во кои работеле. Сепак, во нашата држава ќе добијат бесплатни ПЦР тестови, вакцини и здравствена заштита.
„Мора да ги демантираме сите шпекулации за бран на бегалци, за бран на не знам, можни терористи или било какви застрашувања. Прво се работи за отвореното прашање, сме луѓе или не сме. Скопје, Северна Македонија примила помош од целиот свет, од секаде“, додаде Зоран Заев.
Засега бројката е 450 лица, меѓу нив голем број жени и деца, кои етапно ќе почнат да пристигнуваат до крајот на неделава. Како што велат премиерот, но и министерот, нашата држава сама се понудила да биде дел од оваа голема меѓународна хуманитарна акција во која учествуваат над 70 држави.