Трката во вториот круг за Тетово ќе биде жестока бидејќи во игра остануваат актуелната градоначалничка Теута Арифи од ДУИ и Биљал Касами, претседател на Движење Беса. Во првиот круг Арифи освои 11.138, а Касами 10.496 гласови. Станува збор за разлика од 642 гласови. Уште синоќа некои политички субјекти излегоа со став околу тоа кого ќе поддржат.
Коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива, во Тетово успеа да освои 6.165 гласови, кои можат да бидат одлучувачки во вториот круг. Елми Азири од Алијанса, во „Клик Плус“ на ТВ 21, рече дека опозициската коалиција е подготвена да даде поддршка за Биљал Касами.
-Секако, Алијанса за Албанците и Алтернатива како опозициски блок се подготвени да го поддржат Биљал Касами во општина Тетово.
-Со среќа.
-Да, но Биљал Касами треба да дојде. Јас мислам дека Биљал Касами, уште повеќе бидејќи што е претседател на партија, треба да дојде и да побара поддршка, бидејќи Биљал Касами е во трка, како што побаравме во првиот круг. Во ваква ситуација кога имаме двајца кандидати, нормално е Биљал Касами да го отвори патот и да побара поддршка.
Но, со ова не се согласува Алтернатива. Портпаролот Орхан Муртезани, синоќа јасно стави до знаење дека неговата партија нема да го поддржи Касами во Тетово.
-Почитуван Фатмир, ќе ја искористам приликата да кажам дека Алтернатива не го поддржува Биљал Касами во Тетово.
Денеска, преку смс-комуникација, членот на Централното раководство на партијата, Зеќирија Ибрахими, рече дека „нема што да каже по она што синоќа го изјавил Орхан Муртезани“. Став по ова прашање побаравме и од друг член на Алтернатива, Скендер Реџепи-Зејди.
-За можни соработки и поддршка во втор круг, треба да одлучат надлежните органи на двете партии. Но, она што е важно е дека сите зла кон Албанците во Северна Македонија се резултат на лошото менаџирање на централната и локалната власт од страна на ДУИ. Затоа, што поскоро си замине ова зло од албанските населени места, толку подобро за Албанците-вели Скендер Реџепи-Зејди.
Но, кого ќе поддржи Заев во Тетово? Оваа партијата во Тетово освои 2.373, а ДПА 3.840 гласови. Го прашавме лидерот на социјалдемократите Зоран Заев – за кој кандидат ќе дадат поддршка во вториот круг, но не добивме повратен одговор. Арјанит Хоџа од Беса, очекува СДСМ да остави самите граѓани да одлучат за кого ќе гласаат. Арбр Адеми од ДУИ пак, вели дека СДСМ нема многу гласови за да направи некаква разлика за победа.
-Кандидатот на СДСМ освои 2.500 гласови во Тетово. Не станува збор за голем број гласови за да се разговара каде ќе завршат овие гласови и да се направи некаква разлика.
Инаку, уште во јули Ахмети и Заев договорија коалиција за локалните избори. Двајцата владини партнери постигнаа договор нивните партии да соработуваат и да си дадат меѓусебна поддршка во одредени општини во првиот, а во други општини во вториот круг. Дел од оваа коалиција уште од парламентарните избори е и Движењето Беса. Останува да видиме каков „пазар“ ќе биде направен меѓу партиите во однос на гласовите.