Славниот режисер Стивен Спилберг наводно одбил да работи со Бен Афлек по инцидент што се случил на забава покрај базен на почетокот на 2000-тите, пренесува „Њујорк пост“. Според режисерот Мајк Бајндер, Спилберг ја „уништил“ потенцијалната соработка бидејќи му замерил на Бен поради непријатна ситуација во која наводно било вклучено едно од неговите деца.

Бајндер гостуваше во подкастот „One Bad Movie“, каде на водителот Стивен Болдвин му раскажа дека сè започнало додека работел на филмот „Man About Town“ од 2006 година. Спилберг бил заинтересиран да го режира проектот и му рекол: „Мора да направиме нешто заедно. Сакам да напишеш нешто за мене.“

Сценариото наводно било делумно инспирирано од вистинска провала во куќата на Спилберг, а соработката меѓу двајцата режисери напредувала сè додека Бен Афлек не потпишал договор за главната улога.

„Се договоривме дека тој ќе го направи тоа, си подадовме рака, ќе го работи филмот“, се присети Бајндер. Сепак, Спилберг набргу се повлекол од проектот.

„Не. Не можам да работам со него. Последниот филм со него беше целосен промашај, сега ја има целата таа ситуација со Џеј Ло и имам други проблеми со него“, наводно му рекол режисерот. Бајндер објасни дека тие „други проблеми“ се однесувале на приказна за забава покрај базен, која Спилберг претходно му ја раскажал.

Имено, Афлек од 1997 до 2000 година бил во врска со Гвинет Палтроу, која е кума на Спилберг, а заедно работеле и на филмовите „Shakespeare in Love“ и „Bounce“. Бен една година му се придружил на Спилберг на одмор, каде што наводно дошло до непријатен инцидент.

„Мојот син беше мало момче, си играше во базенот, па излезе. Бен дојде целосно облечен, а мојот син го турна во базенот. Бен многу се налути, излезе од базенот, го крена и го фрли назад во водата, по што мојот син се расплака“, му раскажал Спилберг на Бајндер, кој бил збунет од објаснувањето.

„Едноставно не сакам да работам со него. Освен тоа, последните два филма му беа утка. Најди некој друг. Кого било, само не него“, наводно додал славниот режисер.

Кога Бајндер му рекол на Бен дека проектот е откажан, актерот се посомневал дека Спилберг е причината.

„Бен ме повика и ми рече: ‘Дали Стивен Спилберг ти кажа дека сум му го фрлил детето во вода? Дали тоа се случи? Дали тоа е причината зошто не сум во твојот филм?’ Му реков: ‘Не, не ми кажа…’ ‘Да, ти кажа! Ти кажа дека сум му го фрлил детето во вода. Затоа не сум во филмот’“, се присети режисерот на разговорот.

На крајот, Мајк Бајндер самиот го режирал филмот „Man About Town“, а во главната улога се појавил токму Бен Афлек.

Текстот Како Спилберг одбил да работи со Бен Афлек поради инцидент на базен: „Дај ми кого било, само не него!“ е превземен од МАКФАКС.