Ако досега не сте го користеле во исхраната, време е да го пробате овој необичен зеленчук, кој има специфични изданоци што наликуваат на свеќи и да уживате во неговиот незаменлив вкус.
Прво сигурно се прашувате како да го изберете вистинскиот аспарагус, со оглед дека не постојат две исти стапчиња. Едни се дебели како прст, други многу тенки, а за вас најважно е да ги одберете оние што лесно ќе се варат. Освен што не треба да ги изберете оние што се овенати, обрнете внимание дали се набабрени и да не се влажни или распукани.
Без разлика дали се дебели или тенки стебленцата, треба да се цврсти и да стојат исправени. Таквиот аспарагус лесно ќе се готви, со таа разлика што подебелите стапчиња доаѓаат од постари растенија и можат да бидат посочни во споредба со потенките.
Како да го складирате
Обрнете внимание и на бојата, едноставно ако е многу темнозелена, тогаш тоа е старо растение. Најдобар е оној аспарагус со светлозелена боја. Исто така, врвот на стебленцата не смее да е распукан, туку ливчињата треба да се прилепени цврсто до стебленцето.
Еднаш кога ќе го изберете совршениот аспарагус и ќе го донесете дома, складирајте го соодветно за да остане свеж додека му дојде време за готвење. Не го мијте до пред готвење. Професионалните готвачи велат дека е добро ако стебленцата останат малку влажни додека врвовите суви. За да го постигнете тоа, засечете ги краевите, па завиткајте ги стебленцата во влажна кујнска хартија, само во долниот дел, и ставете ги во најлонска ќеса, па во фрижидер. Вака складирани ќе траат до четири дена.
Друг начин е да ги чувате како цвеќе, во сад со вода. Засечете ги краевите, па ставете ги во чаша со вода 1,5 см, врвовите покријте ги со пластична ќеса и ставете ги во фрижидер 3-4 дена. Колку и да изгледаат смешно, сепак ова е уште еден начин што гарантира дека ќе го сочувате аспарагусот свеж до готвење.
Најдобар начин за готвење
Некои зеленчуци многу лесно се готват без разлика со кој метод да се послужите, но аспарагусот не е баш едноставен за готвење. Тој може да биде цврст, дрвенест, дури и да почне да се кине на конци ако не е зготвен правилно. Можеби ви се допаѓа бланширан на малку путер или кратко потпечен на скара, но постои уште еден начин за вкусно зготвен аспарагус. Методот е „суво печење“, многу е брз и, најважно од сè, се користи многу малку масло. Овој метод овозможува аспарагусот да остане крцкав, со убава текстура. Вака зготвениот аспарагус можете да го комбинирате со друг зеленчук, како обарен компир, грашок, зелена боранија и сл.
За да го подготвите аспарагусот на овој начин, треба да го ставите директно во загреана тава, без да додавате масло или друга маснотија како путер, на пример. Кога готвите без масло, тавата брзо се загрева, топлината допира директно до аспарагусот и тој брзо се пече. За таа цел, ставете ја тавата на шпорет и почекајте да се загрее. Не е препорачливо да користите плински шпорет, бидејќи огнот брзо ќе го изгори аспарагусот. Кога ќе се загрее тавчето, ставете го аспарагусот, почекајте да почне да се „поти“, па превртете го со вртење на тавата. Кога ќе биде целосно готов, послужете го.