Одредени поединци од албанските политички партии направија општина Брвеница по долго време да не биде под раководство на албански кадар, вели Енвер Пајазити кој на локалните избори се тркаше за четврти мандат, но беше поразен од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. Според него, одреден број Албанци го бојкотирале гласањето или пак работеле во интерес на кандидатот на опозициската партија. Додава дека ги знае со име и презиме за кого се работи.

„Политиката ги изневери Албанците во Брвеница, одмаздата за првата победа се одрази сега. Тоа е прво. Второ – одредени индивидуи работеа и тесно соработуваа со ВМРО. Имаме имиња и презимиња, бидејќи ноќта кога славеше ВМРО имаше и Албанци кои славеа заедно со знамето на ВМРО“, истакнува Енвер Пајазити.

Според Пајазити, 250 албански гласови заминале во кутијата на ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека имало и злоупотреби за кои ќе се жали во ДИК.

„Имаме индикации за две гласачки места за кои денеска изготвивме жалба и кои ќе ги доставиме до ДИК. Тие ќе бидат разгледани и доколку има правна основа може да биде поништено некое од овие гласачки места. Доколку нема никаква основа, останува да го повикам победникот, да му честитам и да му го врачам клучот од општината“, додава Енвер Пајазити.

Жителите на Брвеница очекуваат новиот градоначалник да работи за нивно добро.

„Енвер работеше добро. Доста добри работи направи. Зошто изгуби, тоа е нешто друго. И оние кои гласале против, можеби не биле задоволни, но јас сум задоволен“

Инаку, оваа општина не беше раководен од Албанец и во 1996 година кога ПДП во тоа време имаше договор со СДСМ.