Пишува: Рамадан Рамадани
Има две монументални слични и самокритични изјави, на Фаик Коница за Албанците и на Гоце Делчев за Македонците, кои во денешно време и тука би требало да се пренесат во единствена верзија: Јас не познавам друг народ освен Македонците и Албанците во Македонија кои дозволуваат да ги краде ЕВН, сред бел ден и апла, иако имаат држава, власт и глас!
Има еден тежок детаљ од тешкото и грозоморно убиство на Панче и Вања кој сега со сведоштвава пак ни се повторува. а тоа е дека иако Панче, старецот од Велес, бил убиен една недела претходно, ниту една институција ниту го барала и немало ни претрага ни истрага ни бутур. Сѐ се активирало последователно откако се случи Вања и така се дозна за трагичното убиство на пензионерот. Ова уште еднаш покажа дека тука кај нас, за жал, институциите и државата функционираат само под притисок?! И сега за ЕВН се зборува заради тоа малку врева и негодување кое се случи минатиот четврток. Затоа треба да се зголеми притисокот и граѓаните кои се носители на суверенитетот на државата и кои ги легитимираат институциите јасно и гласно да покажат дека веќе нема да дозволат некој вака сред бел ден да ги краде и ограбува.
Државата пред да нѐ увери дека постои и е јака, со собирање на запуштените стотици крави во Крива Паланка, треба да ја скроти кравата која нѐ молзе сите нас, и не краде отворено, апла!
Освен аналогијата со запуштените крави еве и нешто друго, во врска со ДДВ. Ние кога плаќаме сметки за струја плаќаме и ДДВ. Тоа значи дека овој кутар и ограбен народ не е сираче и освен што има држава и институции дополнително плаќа за нив да постојат и функционираат. За секако меѓу другото тие самите да бидат заштитени од кражба! ЕВН не само што нѐ краде туку и нѐ поткрадува во секој аспект; еве на пример зошто не издава фискални за да можеме тој значителен износ да го скенираме во мој ДДВ?!
И како им текна да наплаќаат „пренос“ и „пристап“ и око да не им трепне, а ние да мора да платиме? Еве, ако некој писател напишал книга, или некој сликар издал каталог, ако логиката на ЕВН се пренесе и таму, значи дека едно 500.000 семејства во Македонија би требало да платат за тоа, зашто им се направени достапни, книгата или каталогот. А не мора да ги купат, важно може да ги купат. Настрана што наплаќаат и улично осветлување секому, дури и во места каде што нема сијалици на бандерите, и мува не ги лази.