Сефер Тахири

Кои беа дискурзивните стратегии што се користеа во известувањето за повиците „проклетите ш(ќ)иптари“ и „гасна комора за ш(ќ)иптарите“ од една страна, и „Голема Албанија“ и „Илирида“ од друга? Колку медиумите придонесоа за поттикнување на меѓуетничките тензии, или само ги пренесоа изјавите на политиката? Имаше ли обиди за изедначување на двата инциденти? Колку беа почитувани професионалните и етичките стандарди, предвидени со Кодексот на новинарите? Кој е лекцијата што произлезе од инцидентите?

Кржливоста на меѓуетничките односи во Северна Македонија често се потврдува во општествената реалност и пластично се рефлектира и во медиумското известување. Доволна е мала етничка искра за политичко-медиумската дебата да се разгори со најголем интензитет.

Така се случувало од осамостојувањето на Северна Македонија. Медиумите во земјата по 90-тите години покажаа дека поседуваат силна ефективна моќ да ги делат луѓето по етничка основа, поттикнувајќи и охрабрувајќи конфликти. Тие беа полни со содржини, кои се засноваа на пропаганда и говор на омраза кон „другите“, кои се сметаа за непријатели. Често, печатените и електронските медиуми се натпреваруваа во ширењето на негативни стереотипи и во создавање што полош имиџ за оние кои ги перципираа како „други“.

Овој етнички поделбен дискурс се забележува уште по плурализмот, а кулминираше за време на конфликтот во 2001 година и по него. Говорот на омраза и нетолеранцијата беа детектирани во политичкиот и општествениот дискурс, како рефлексија на поделбите, бидејќи во Северна Македонија со децении живеат два „паралелни светови“ во етничка, културна, јазична или религиозна димензија.

Во програмите на јавниот радиодифузен сервис МРТ, во весниците, но и во приватните радио и телевизиски станици, како и во онлајн медиумите, се известуваше еднострано и несеопфатно во етничка смисла. Тие се ставаа во апологетски позиции на етносот, главно на Македонците и Албанците.

24 години по конфликтот, кога земјата го одбележува и 24-годишнината од Охридскиот договор и 35 години независност, иако со оптимистичка реална перцепција може да се констатира дека во известувањето на медиумите за комплексниот спектар на етничките прашања е постигнат мал напредок, сепак остануваат многу проблеми поради постоењето на две „паралелни реалности“. Тоа значи дека, и покрај напредокот, иако во помала мера во споредба со пред 10 години, етничкиот ривалитет сè уште постои.

Објективно, од 2017 до 2024 година имаше релативен мир во македонско-албанските односи, иако концептот или моделот на интеркултурализам – политички познат како „Едно општество за сите“ – пропадна, бидејќи не ги даде очекуваните резултати.

Иако нетолеранцијата беше присутна, таа се манифестираше само латентно, додека неуспехот на интеркултурализмот го потврдува фактот што во медиумскиот дискурс сè уште доминираат категориите што го сечат општеството како со нож: „ние“ и „тие“, нашата и „нивната“ политика, нашите и „нивните“ херои, нашата и „нивната“ култура и фолклор, нашата и „нивната“ музика, нашата и „нивната“ книжевност. Во овој етноцентричен спектар не е исклучок ниту новинарството како професија, ниту медиумите, кои често ги засилуваат штетните наративи, што ги комуницира политиката или други општествени групи, без разлика дали се маргинални или со големо јавно влијание.

Стадионите како платформа за етнички тензии

Паралелизмот во општеството, придружен со предрасуди и негативни стереотипи, најлесно избива на спортските натпревари. Тука најчесто се слушаат навреди, поттикнување омраза и етноцентрични пароли. Групите на навивачи („Комити“, „Балисти“, „Шверцери“) често користат „војничка“ терминологија, а навреди како „шиптари“ за Албанците или „каури“ за Македонците редовно се повторуваат во моменти на политички кризи – најчесто за дефокусирање на јавноста од реалните, економски проблеми.

Инцидентот во Куманово – антиалбански повици

На 2 август 2025 во Куманово, на кошаркарскиот натпревар Македонија – Романија, дел од навивачите извикуваа:

„Проклетите ш(ќ)иптари, македонското име нема да исчезне“

„Чиста Македонија“

„Гасна комора за ш(ќ)иптарите“

Оваа последна парола е особено алармантна бидејќи потсетува на протестите од 1997 против Педагошкиот факултет на албански јазик во Скопје.

Медиумите на македонски јазик: најчесто премолчеа, или известуваа „пост-фестум“, фокусирајќи се на реакциите на политичарите и институциите. Се пренесуваа изјавите на премиерот и другите функционери, но ретко се нагласуваше дека тие самите биле присутни во салата и не реагирале. Само неколку медиуми ја пренесоа реакцијата на Хелсиншкиот комитет.

Медиумите на албански јазик: извештајот беше гласен и алармантен. Тие насловите ги водеа со „Гасна комора за Албанците“, потенцирајќи го фактот дека навредите се случиле пред очите на премиерот и министрите. Акцент се даде на политичката дебата меѓу БДИ и ВЛЕН, кои се обвинуваа меѓусебно.

Инцидентот во Скопје – „Голема Албанија“ и „Илирида“

Само неколку дена подоцна, на 5 август 2025 на натпреварот Шкендија – Карабах, дел од албанските навивачи скандираа „Голема Албанија“ и „Илирида“.

Медиумите на албански јазик: речиси и да не известуваа за самите повици, туку за судската пресуда против еден албанец со германско државјанство, кој во автомобил истакнувал знаме со картата на „Голема Албанија“. Медиумите инсистираа на тоа дека судот реагирал премногу брзо за овој случај, а премногу бавно за навредите против Албанците во Куманово.

Медиумите на македонски јазик: го нагласија скандалот и бараа изедначување со Куманово. Претседателката Силјановска-Давкова дури ги нарече „реприза на кумановската трагедија“. Но ретко имаше објаснување дека антиалбанските повици („смрт за Албанците“) и националистичките („Голема Албанија“) немаат иста тежина.

Констатации

Медиумите често избираат стратегија на премолчување за негативни елементи кај „својата“ етничка заедница и нагласување за другата.

Наместо критичко и контекстуализирано новинарство, тие се сведуваат на преносители на политичката реторика.

Доминантен е дискурсот на жртвување („ние сме жртви, тие се агресори“).

Се користи емоционален, сензационалистички јазик, кој дополнително ги заострува поделбите.

Лекција

Овие инциденти покажуваат дека новинарството во Северна Македонија сè уште нема изградена доволна професионална свест за опасностите од етноцентрично известување.

Потребно е:

поголема рамнотежа и присуство на различни извори,

критички пристап кон политичката реторика,

избегнување сензационализам,

јасно предупредување кога се пренесуваат навреди или говор на омраза,

новинарите да придонесат за разбирање и толеранција, наместо зајакнување на поделбите.

Препораки

Да се промени пристапот на новинарите/медиумите, кои за чувствителни етнички теми известуваат само од аголот на „својата“ етничка заедница.

Да се консултираат извори од различни заедници и да се пренесуваат нивните ставови точно и без искривување.

Да се внимава на јазикот: навредливите термини може да се цитираат, но со јасно укажување дека се штетни и недозволиви.

Да се избегнува емотивно и сензационалистичко пренесување.

Да се предвидуваат последиците од известувањето врз јавното мислење и општествените односи.

Индивидуалните постапки да не се генерализираат врз цела етничка група.