„Влен“ денес го нарече пописот на населението во 2021 година политички проект дизајниран да ги сведе Албанците на хартија, да ги избрише од статистиката и да ги исклучи од процесот на донесување одлуки. Блерим Сејдиу од „Влен“ денес на прес-конференција обвини дека со потпис на ДУИ и техничка имплементација на СДСМ, Државниот завод за статистика беше трансформиран во инструмент за манипулација, делејќи ги Албанците на „резиденти“ и „нерезиденти“, поделба со една цел – да ги исклучи од пресметката илјадниците Албанци од дијаспората.
„Нашата дијаспора, која со децении ја одржуваше економијата на оваа земја, беше третирана како невидлива, како статистички безвредна, како проблем што треба да се избегне. Но зошто? Затоа што дијаспората не можеше да биде контролирана од ДУИ“, рече Сејдиу.
Ставот на Влен е дека етикетирањето како „нерезиденти“ не е грешка туку цинична калкулација по принципот колку помалку Албанци на број, толку помала опасност за власта.
„Јавно прашуваме: Како е можно во Речица на пописот да се брои само 1.653 Албанци над 18 години, додека на последните избори само за албанските партии беа дадени над 2.400 гласови?
Прашуваме: Како е можно во село Желино да има 3432 жители и 4103 гласачи? Како е можно во село Стримич да има 1937 регистрирани жители и 2644 гласачи? И оваа ситуација продолжува и во многу други села? Дали ДУИ користела надуени списоци за да ги пополни кутиите? Или ги преместила луѓето во „светот на тајната статистика“? И како во секоја шема на измама, на крајот се додавала ’црешата на тортата’: фантомска категорија, ’лица за кои се добиени податоци од административни извори’. Оваа категорија не постои во ниту еден закон, но произвела над 132.000 непознати жители, повеќето од нив Македонци, додека вистинските Албанци, оние од дијаспората, биле намерно изоставени од бројките“, рече Сејдиу.
Тој потсети дека Уставниот суд, пред два дена, ја поништи, како што рече, оваа правна измама, прогласувајќи ја поделбата „резидент/нерезидент“ за неуставна. Тоа според него е победа за вистината и морална казна за предавниците на националниот интерес.
„Ние во ВЛЕН не правиме калкулации со нашиот народ. Не се плашиме од дијаспората, напротив, ние сме нејзин глас. Не ги препознаваме „добрите“ и „непожелните“ Албанци според интересите на владата“, рече Сејдиу.
Најави дека нема да застанат додека не се исправи неправдата оти секој Албанец има место во процесот на донесување одлуки.