Ако вашите најблиски се од оние луѓе што го избегнуваат зеленчукот и тешко можете да ги убедите да го јадат, постојат начини на кои можете без проблем да им го подметнете во оброците и така ќе знаете дека го консумираат редовно.
Доколку членовите на вашето семејство попрво ќе изберат да јадат брокула или прокељ, наместо месо и тестенини, тогаш сте среќни затоа што знаете дека здраво се хранат. Но најчесто луѓето не консумираат доволно зеленчук за да бидат сигурни дека здраво се хранат, а тоа се околу три полни чаши сечкан зеленчук.
Главен проблем е што колку и да се трудите да го зготвите зеленчукот на нови интересни начини, со разни сосови и додатоци, не им се допаѓа на членовите на вашето семејство. За да си помогнете и да бидете сигурни дека здраво се хранат, ви откриваме неколку начини на кои можете да им го „подметнете“ зеленчукот во оброците.
Пирето е одличен избор
Колку и да не го сака зеленчукот воопшто, ретко кој ќе одбие вкусно домашно пире од компири. Освен што е вкусно за јадење, тоа е добар извор на јаглехидрати, а додатоците како млеко, путер и павлака се доволни за да ги освојат и најпребирливите. Професионалните готвачи предлагаат да додадете и парче крем-сирење во него ако сакате да добиете побогат вкус. Но, за по здраво пире можете да додадете малку пасиран карфиол. Не претерувајте со количината карфиол, оти колку и да ве убедуваат дека тој е одлична замена за компир, не можат да се споредат овие два зеленчука. Доволно е еден дел од компирите да го замените со карфиол и пирето да биде здраво и еднакво вкусно. А нема да ги одбие ниту најпребирливите јадачи. Некои готвачи предлагаат да пробате и со друг зеленчук, како на пример тиква и сл. Пробајте и најдете го најдобриот вкус на пире кое ќе го сака вашето семејство.
Макарони со кашкавал
Едноставниот трик е да испасирате тиква и да ја додадете во смесата со кашкавал. Сосот ќе стане кремаст, со прекрасен вкус без да додавате дополнителни калории и маснотии во храната. Освен тоа ќе ја збогатите со бета-каротен, витамин Ц, магнезиум и растителни влакна. Исто така со нејзината жолтеникаво-портокалова боја, тиквата лесно се маскира во крем-сосот од кашкавал. Ако вашите дома не се толку пребирливи, можете лесно да им замените дел од макароните со карфиол исечкан на помали парчиња. Тогаш е дозволено да употребите малку повеќе кашкавал, дури и да додадете малку сланина за да го збогатите вкусот на јадењето.
Зеленчукот лесно се маскира во ќофтиња
Највкусните малечки топчиња од мелено месо со зачини и со други додатоци се неодоливи за јадење. Но, во нив можете слободно да скриете и зеленчук што вашето семејство ретко го јаде. Наместо да додадете леб за да се поврзе смесата, изберете зеленчук, како, на пример, печурки, моркови, тиква, дури и спанаќ. Исечкајте ги на помали парчиња или обарете ги и направете од нив пире што ќе го додадете во ќофтињата. Ако размислувате да додадете спанаќ, внимавајте со количината, затоа што лесно може да ја смени бојата на ќофтињата, а ретко кој сака да јаде зелени ќофтиња.
Маринара сосот е одличен за додавање зеленчук
Покрај тоа што е вкусен, маринара сосот може да ви послужи како маска за додавање повеќе зеленчук во јадењата. Освен доматите, кои се главна состојка во него и секако се здрави, тука се лукот, ориганото, босилекот, кои го прават вкусен сос за тестенини, па и за некои јадења од месо. Но, во овој сос можете слободно да додадете и други зеленчуци какви што се тиквички, тиква, кељ, цвекло или карфиол. Се разбира зеленчукот треба да е обарен и пасиран. За да ги замаскирате, додајте малку повеќе лук.