Изминатата година беше исклучително тешка за сите нас. Без разлика дали сме свесни или не, повеќето од нас се движат низ оваа пандемијата во постојан грч, анксиозност и вознемиреност што резултира со проблеми со фокусирање, не спиеме добро, а нашето трпение постепено исчезнува.
Додека некои од нас самите се соочиле со ковид-19, други се грижеле или изгубиле членови од семејството, многумина морале да преминат на работа или учење од дома и сите може да се сложиме дека дефинитивно доживеавме драстична промена во нашиот животен стил.
Сите овие ситуации предизвикуваат траума. Иако се надеваме дека крајот е на повидок, тоа не значи дека треба да чекаме да заврши оваа глобална пандемија за да го започнеме нашиот процес на психолошко заздравување. Всушност, ако сега започнеме да развиваме добри навики, тие ќе ги
носиме со нас во животот откако ќе заврши пандемијата, намалувајќи ја долгорочната траума, пишува „Well and Good“.
Како да знаеме дали доживуваме траума?
Не е секогаш лесно да препознаете, особено кога се борите со нешто невидливо. Кога сте среде некое трауматско искуство, можеби дури и не забележувате дека сте вознемирени. Едноставно, се обидувате да го „издржите“ денот.
„Мораме да започнеме да обрнуваме внимание на она што всушност се случува со нас самите“, вели д-р Џејмс С. Гордон, основач и извршен директор на Центарот за медицина на ум-тело и светски лидер во решавањето на психолошката траума ширум популацијата.
„Еден од длабоките проблеми во нашето општество е тоа што премногу често, се однесуваме кон себе како да сме машини. Ние едноставно минуваме низ нашите денови и ги извршуваме работите, но не обрнуваме внимание ниту на физичките или на психолошките знаци, симптоми или промени од каков било вид. Првото нешто што треба да го направиме е да поминеме некое време во опуштеност и свесност за да можеме да спознаеме што се случува“, вели д-р Гордон.
За време на вашата рефлексија, размислете што правите поинаку сега за разлика од вашиот живот пред пандемијата. Дали ги одбегнувате вашите прошетки, или возењето велосипед? Ако е така, размислете зошто. Дали јадете поинаку, гледате повеќе или помалку телевизија, дали останавте во контакт со вашите пријатели?
„Ако сфатите дека не ви оди најдобро во моментов, немојте да бидете премногу строги кон себе… Не би очекувала некој да го живее нaјдобриот период од својот живот во моментов, затоа простете си и сочувствувајте со себеси, истовремено откривајќи како да одите напред“, вели Емили Анхалт, психолог, консултант за емоционална кондиција.
Што им прави траумата на нашите тела?
Според Гордон, нашите тела имаат два типа на одговор за да нè заштитат „борба или бегство“ и „замрзнување“. Додека тие се дизајнирани за да нè штитат од закани, телото треба брзо да се вклучува и исклучува. Кога телото ќе остане подолго време „вклучено“, тоа е затоа што сè уште ја доживуваме заканата или затоа што продолжуваме да размислуваме за заканата, дури и откако ќе заврши.
Физиологијата на борба или бегство е забрзано чукање на срцето, зголемен крвен притисок, затегнување на големите мускули, зголемување на анксиозноста и стравот како и намалување на самосвест и сочувство.
Колку подолго останувате во оваа состојба, толку поранливи станувате. Постојаниот висок крвен притисок или забрзано чукање на срцето може да доведе до кардиоваскуларни болести. Колку повеќе кортизол циркулира низ вашето тело, толку повеќе сте подложни на инфекции.
„Кога луѓето се хронично трауматизирани и не се справуваат со тоа, тие често се изолираат… Тие емоционално се затвораат и одбиваат да се поврзат со други луѓе. Иако нашата физиологија првично се обидува да нè заштити, кога игнорираме голем број работи кои ни се случуват, тоа всушност станува нарушувачко за нас“, вели Гордон.
Дозволете да започне лекувањето
„Ако не сте возеле велосипед со месеци, не се форсирајте да го сторите тоа… Тоа е во ред. Идејата е да размислите внимателно и да воочите дека не сте на вистинско место и дека треба да одвоите време за грижа за себеси“, вели Анхалт.
Потоа, обидете се да создадете рутина за грижа за себе за полека да го вратите вашето ментално и емоционално здравје во рамнотежа. Во вашата рутина може да вклучите поминување време во природа, релаксација со вашето домашно милениче, водење дневник…
Обидете се да ги чувствувате сите чувства
Кога ги потиснуваме нашите емоции, тие ни наштетуваат психолошки и физички. На пример, ако сме постојано фрустрирани или лути и не го изразуваме тоа, тогаш стануваме огорчени. Ако сме тажни и не можеме да плачеме или да тагуваме, можеме да потонеме во подлабока состојба на депресија.
Одвојте време во текот на денот каде што ќе си дозволите да ги ослободите емоциите, а со тоа ќе си помогнете да ви биде полесно.
Плачете секој ден ако е потребно, викајте или удирајте по перници за да се ослободите од гневот и фрустрацијата…
„Понекогаш, многу кратко, посегнувањето по нешто што не сте го правеле порано може да направи разлика“, вели Гордон.