Првото кафе испиено во кафуле во годината која тукушто почна излезе поскапо од лани. На фискалната сметка е отпечатена истата цена како и на 31 декември, но од 1 јануари кафето сепак е поскапо, зашто угостителите од она што им го наплаќаат на  гостите во државната каса ставаат помалку, а во својата повеќе.

Како мерка за помош на овој сектор, кој е меѓу најпогодените од кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19, од 1 јануари за храната и пијалаците стапката на данокот на додадена вредност од 18 е намалена на 10 проценти. Со 18 отсто се оданочува само алкохолот. Има и трета стапка – пет проценти за храната што се доставува. Угостителите не се задоволни од ова и бараат единствен ДДВ за сите ресторански услуги. А гостите? Нив никој не ги прашува. Тие и онака треба да го платат цехот за недоразбирањата меѓу власта и угостителите.

Од 18 на пет проценти падна и ДДВ за занаетчиските услуги. По празниците, кога ќе се отворат дуќаните ќе видиме дали ќе поевтинат услугите на фризерите, чевларите, крпачите на облека и поправачите на велосипеди, за кои важи ова олеснување. Или, и со нив ќе поминеме како со кафето.

На самиот старт на годината едно фијаско на владините заложби за помош на граѓаните и компаниите. Управата за јавни приходи по трети, четврти или можеби петти пат соопшти дека уште има работодавачи кои не се воздржуваат парите земени од државата за плати на вработените да си ги задржат за себе. Ова се случува уште од пролетта кога почна реализацијата на оваа државна помош. Сега е ново само тоа што даночниците сфатиле дека пари за плати им се даваат на семејни фирми кои всушност воопшто не даваат плати! Како што соопшти директорката на УЈП Сања Лукаревска, ноемвриската плата дадена од државата не стигнала до 782 вработени во 245 компании, повторно најмногу од Скопје, Тетово и Гостивар. Освен ова, дури 17 компании се дрзнале да не одговорат на опомената дека треба да ја исплатат октомвриската плата, па сметките сега им се блокирани, додека пак случајот со 125 фирми кои уште не ја поделиле помошта за плати за април, мај и јуни, непримерно долго време го размрсува Јавното обвинителство. А работодавците повторно  бараат работниците да им ги плаќа државата. И државата веројатно и годинава ќе им дава пари во рамките на најавениот петти пакет антикризни мерки. Којзнае дали сега ќе го послуша Сојузот на синдикати на Македонија, кој упорно, уште од пролетоска бара оваа помош наместо на сметките на газдите да легнува на сметките на работниците.

Добра вест новата година донесе за сопствениците на возила со странски регистрации. Тие треба да почекаат до 11 јануари, кога почнува примената на Законот кој ќе им овозможи да добијат МК таблички за половина цена. Со специјалниот закон за регистрација на странските возила во земјава се овозможува за период од една година сите давачки до регистрацијата да бидат за 50 проценти помали од регуларните. Услов е возилото да е увезено до 1 октомври лани, да е уредно регистрирано и да има зелен картон, како и да е со најмалку ЕУРО 4 стандард. Оние кои нема да сакаат да се изложат на ваква давачка ќе мора и понатаму на секои три месеци да го изнесуваат возилото во земјата од која го набавиле.

Владата успеа да го реализира ова ветување, преку кое, патем речено, очекува да го набилда буџетот за околу 25 милиони евра. Но, претпразнично со празни раце остави илјадници граѓани на кои им вети дека ќе им помогне полесно да се справат со кризата. Помошта од шест илјади денари до крајниот рок, 25 декември, не стигна до сите за кои е наменета. Не ја добија граѓаните кои чекајќи во долгите редици пред банките не стигнаа да ги ажурираат податоците за да им се префрлат парите. Без пари останаа и оние кои не успеаја навреме да отворат нова сметка зашто нивната е блокирана, како и граѓаните кои поднесоа приговори зашто ги нема на списокот на лица за кои е наменета помошта. Владините портпароли на последните прес-конференции пред крајот на минатата година најавија дека помошта сепак ќе стигне до сите за кои е наменета во текот на овој месец. Значи, јануари е месец на надеж и исчекување за илјадници граѓани на кои во оваа криза стоте евра ќе им бидат од голема помош – да се снабдат со намирници, да платат некоја сметка, да набават дрва за огрев, да вратат некој долг… Но, дали ќе дојдат до парите токму овој месец, како што е најавено, останува да се види. Зашто, прво треба да се интервенира во Законот со кој е овозможена помошта, а тоа во Собранието не оди така лесно.

Доказ за проблематичното функционирање на Собранието се недонесените законски измени со кои од овој месец сите требаше да одат во пензија со навршени 64 години, со отстапка за жените кои ако сакаат ќе можеа да се пензионираат и на 62. Исто така, со тие законски измени договорите за работа по таа возраст ќе можеа да ги продолжуваат само медицинските работници и универзитетските професори, а не секој кој ќе посака, како што е сега. Измените на Законот за работни односи со кои по предлог на пратеници од власта требаше да се воведат овие новини не се донесоа навреме, па законот, можеби во некоја изменета форма преку амандмански интервенции ќе стапи на сила подоцна годинава. Во секој случај, со него е предвидено на оние кои веќе побарале да продолжат да работат и по наполнети 64 години договорите за работа да им завршат најдоцна на крајот на оваа година.

Со доцнењето на овие законски измени им се посреќи на лицата кои сакаат да продолжат да работат, но со изневерени надежи останаа оние кои сакаат предвреме да се пензионираат. На почетокот на новиот мандат премиерот Зоран Заев најави дека во првите сто дена на Владата ќе донесе закон со кој ќе може да се докупува стаж и да се оди предвреме во пензија. Потоа околу оваа најава настапи молк, па на инсистирање на новинарите неодамна се откри дека на вакви пензиски реформи сега воопшто не се работи, зашто тоа е ветување кое треба да се реализира во четиригодишниот мандат. Значи, оние кои собирале пари да си го докупат стажот зашто веќе не можат или не сакаат да работат, можат слободно да почнат да ги трошат. До крајот на регуларниот мандат на Владата, од четири години, за кога е ветувањето, има уште многу.

Годината во која зачекоривме за сите е година на големи надежи и на здравствен и на економски план. Сепак, Владата изгледа е најголем оптимист. Токмејќи го најголемиот буџет досега скрои амбициозен план дека на економијата ќе и тргне, па од рецесијата во која западнавме лани, годинава ќе создадеме бруто домашен производ зголемен за 4,1 процент. Многумина не веруваат во ова, но, во моментов кога е во прашање економското закрепнување, во фокусот на сите е петтиот владин пакет антикризни мерки, најавен, но сè уште неспакуван.

(С.В.)