Загадувањето на воздухот во Скопје е алармантна тема која бара преземање неодложни мерки. Станува збор за најскапото нешто за граѓаните – нивното здравје, вели портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски.
Како што обвинува тој, непреземањето ништо од страна на локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје е неодговорно и на штета на скопјани.
Каевски вели:
Повикуваме во ВМРО-ДПМНЕ да се вразумат. Водењето инает и бегањето од вонредна седница на Советот на Град Скопје од страна на ВМРО-ДПМНЕ е неразумно и неодговорно.
СДСМ како одговорна политичка партија има иницијатива за вонредна седница на Советот на Град Скопје и неколку клучни мерки за намалување на загадувањето во главниот град.
Мерка 1: Итно зголемување на бројот на автобуси на сите линии во јавниот градски превоз.
Мерка 2: Воведување бесплатен превоз за сите граѓани во Скопје.
Хаосот и нефункционалноста на јавниот превоз е директна причина за зголемување на загадувањето. Овие две мерки директно ќе влијаат на намалувањето на бројот на возила во градот и ќе стимулираат користење на јавниот превоз.
Мерка 3: Итна промена на средства во Буџетот на Град Скопје, за зголемување на парите за борба против загадувањето.
Додека скопјани дишат загаден воздух локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ ги намали парите за животна средна за дури 44%.
Тоа е Буџетот на Скопје којшто со аплауз го изгласаа советниците на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, и во кој се намалени парите за животна средина за 44%.
Ова предлагаме да се промени и да се зголемат парите.
- Финансиска помош за училиштата за адаптирање на системот за затоплување на еколошки енергенси, (замена на котлите во системот на затоплување).
- Изготвување акциски план за чистење на сите депонии во Скопје.
- Чистење/миење на улиците и јавните површини со помош на цистерни.
- Безусловно интензивно постапување на инспекторите во вршењето на својата должност.
Ги повикуваме во ВМРО-ДПМНЕ да ги прифатат мерките на СДСМ.
Измина цела година откако локалната власт е во рацете на ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција, заедно со Левица и нивната градоначалничка Арсовска a ништо не е преземено.
Буквално една година се потроши на кавги за тендери и провизии а за загадениот воздух локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не направија ништо.
Скопјани скапо ја плаќаат цената за тоа неодговорно однесување на ВМРО-ДПМНЕ и ова е шанса кога треба работите да се променат.
Подаваме рака заедно да ги донесеме мерките за борба против загадувањето во Скопје.