Република Северна Македонија е посилна земја од 19 јули 2022 година, по отворањето на пристапните преговори, порача пратеникот од СДСМ и шеф на македонската собраниска делегација при ПССЕ Дарко Каевски за време на расправата за поддршката на европските перспективи на Балканот, јави дописникот на МИА од Стразбур.
– Со Северна Македонија и Албанија како кандидати, целиот балкански регион е посилен и станува побезбедно и постабилно место за живеење на луѓето. Процесот на проширување ни дава шанса да бидеме рамноправна членка на Унијата и шанса да креираме политики и да гласаме за важни одлуки заедно со демократските држави кои се пример за добро владеење, рече Каевски.
Земјите од Западен Балкан се составен дел од Европа и процесот на проширување му овозможува на регионот да биде мирен, стабилен и демократски.
-Европската унија е дом на над 500 милиони луѓе и ја поздравувам нејзината одлука да го отвори патот за уште повеќе граѓани. Мирот и слободата се зачувани преку Европската унија, а во кризни ситуации можеме да ја видиме солидарноста на земјите-членки. Се гарантира заштитата на човековите права и слободата на изразување, се обезбедуваат услови за посилен економски и социјален напредок како и функционирање на јавните институции, нагласи Каевски.
Претседателот на делегацијата на Собранието на Северна Македонија при ПССЕ понатаму порача дека „сме горди што во ЕУ гледаме вистински партнер кој не поддржува и горди сме на историскиот успех на Република Северна Македонија да ги отвори преговорите.“
-Убеден сум дека ќе испорачаме големи резултати, бидејќи сме подготвени да ги надминеме сите предизвици, да ја усогласиме легислативата во идентификуваните области, но и да ги промениме институционалните практики, се со цел да бидеме полноправна членка на ЕУ како што поскоро.
Тој се осврна и на регионалната соработка, која ги продлабочува добрососедските односи.
-Во овие предизвикувачки времиња, кога Русија води голема агресивна војна против Украина, треба тесно да соработуваме со заедничките активности како регион и да покажеме лидерство со уште поблиско партнерство со ЕУ и земјите-членки. Заедничката соработка е клучна, заедно треба да вложиме напори да ја забрзаме зелената и дигиталната транзиција, да изградиме праведни и одржливи општества, да инвестираме во обновливи извори и инфраструктура. Но, најважно за нас како регион е да обезбедиме владеење на правото, да се бориме против систематската корупција, да направиме суштинска реформа на јавната администрација и да создадеме демократски амбиент, порача Каевски и додаде „Западен Балкан е Европа“ и дека им се потребни силни партнери „за да одат по патот кон заедничката иднина во ЕУ“.