Упаѓањето и нервозата која ја манифестирате е одраз дека сте нервозни и дека не сакате да се случи овој проект. ВМРО-ДПМНЕ во континуитет е против се што прави оваа Влада. Ако има нешто поважно и постратешко од проектот за Коридорите 8 и 10 нека кажат и да разговараме, изјави пратеникот на СДСМ, Дарко Каевски во дискусија со неговиот колега од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков во „24 анализа“ на ТВ24.

Каевски истакна дека невкусно е да се фрла дамка на овој проект и во континуитет да се зборува против важноста на овие коридори, кои се од стратешко значење за државата.

Пратеникот од СДСМ кажа дека се лажни тврдењата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека има предвидени пенали во договорот, додавајќи дека за сите важни процеси, опозицијата шири дезинформации.

Не постојат пенали, постои само пролонгирање на рокови ако предложените закони не се донесат. Ќе има пролонгирање, проектот ќе се изведува по постоечките законски прописи и ќе чини повеќе од првичната сума. Секое пролонгирање на роковите и времето на изградба значи дека проектот ќе чини повеќе, рече Каевски.