Не очекувам дека многу брзо ќе се изберат уставни судии, но сепак се надевам дека совеста ќе проработи кај пратениците и дека конечно ќе се изберат судии и ќе го комплетираат судот кој е битен за оваа држава, вели претседателка на Уставниот суд, Добрила Кацарска во Утрински брифинг.
– Уставниот суд не е моја сопственост, јас се обратив до претседателот на Собранието поради интересот на граѓанит на Република Северна Македонија, вели Кацарска.
Претседателката на Уставниот суд вели дека во моментот нема уставна криза, но судот е на граница на кворумот.
Кацарска пред неколку дена испрати писмо до претседателот на Собранието, Талат Џафери во кое изразува загриженост за состојбата со намалениот број на судии и бара Џафери да го заложи својот авторитет и во Собранието да се изберат нови четворица уставни судии во најскоро време.
Џафери и одговри дека се опструира работата на Комисијата за избори и именувања и во моментов Собранието не може да избере уставни судии и да овозможи непречено функционирање на Уставниот суд.
Како што вели таа нема држава каде политиката не сака да стави рака врз судството, но Кацарска вели дека за тоа не ги обвинува политичарите туку судиите кои не смеат да подлегнуваат на влијанија.
-Не може предмети за кои целата јавност чека разрешница да се чека на одлука со години. Тоа се предмети за кои е заинтересирана и меѓународната јавноост. Земете го на пример предметот „Ласкарци“. Судијата мора да знае да се носи со притисоци, вели Кацарска.