Новоизбраната претседателска на Уставен суд, Добрила Кацарска, во своето прво појавување во јавноста откако беше избрана на оваа фунцкија, порача дека ниту еден политичар не може да и кажува како да работи или да и се јавува за некаков предмет.
Сепак, Кацарска на чело на судот дојде во период кога на тројца уставни судии им истече мандатот, па сега судот наместо со девет работи со шест судии. Според процедурата, новите уставни судии треба да бидат предложени на Комисијата за избори и именувања, но уште непредложени, пратениците од власта и опозицијата се „судрија“ на Комисијата и официјално не предложија ниту еден кандидат. Кацарска се надева дека политичарите ќе изберат професионалци и чесни судии.
– Кои судии ќе ги изберат политичарите тоа може да разговарате со претставниците на политичките партии. Се надевам и посакувам да изберат професионалци, чесни судии на кои воопшто нема да им биде битно кој е подносител на иницијативата, која одредба се оспорува и слично. Се надевам дека политичарите ќе имаат сенс и ќе размислат добро кого ќе предложат и кого ќе изберат за судии на Уставниот суд. Сепак мислам дека Уставниот суд заслужува тоа да бидат судии- луѓе професионалци, вели Кацарска.
Кацарска ветува дека максимално ќе го отвори Уставниот суд за јавноста.
-Кога станав претседател на Кривичниот суд во далечната 2005 година јас прва го отворив судот за јавноста и кога дојдов во Уставен, мене ми беше несфатливо толку да е затворен судот. Освен тоа како судија во организиран криминал знаете дека новинарите катадневно беа присутни на судењата. Ви кажувам дека сакам максимално да го отворам судот и тука нема да има никакви проблеми, порача Кацарска.