Судијката Добрила Кацарска која во првостепена постапка досуди 211 години затвор за обвинетите во случајот за собранискиот упад на 27-ми април не гледа ниту причина, ниту потреба за повторување на процесот, откако тоа беше побарано во неделата на протестот наречен „Слобода за Уставобранителите“, пренесува Плусинфо.

Таа во изјава за Канал 5 ги демантира обвинувањата дека пресудите биле политички мотивирани и вели дека не е точно тврдењето дека судската одлука била донесена само врз основа на еден измислен сведок, туку во текот на судењето биле сослушани голем број на сведоци, прегледани повеќе снимки и други докази предложени од обвинителството и одбраната.

– Жално е што секој еден граѓанин се впушта во оценка на висината на казните, иако пред себе ги нема доказите. Не може да стане збор за драконски казни ако се работи за конкретното кривично дело каде што е запретена најниска казна од 10 години затвор. Жалам што јавноста немаше можност да ги види сите оние снимки што ние ги гледавме во судница. Доколку јавноста ги гледаше сите тие снимки како се тепаат пратеници и надвор од прес центарот со клоци тупаници противпожарен апарат сигурно нема да има коментари дека станува збор за драконски казни – вели Кацарска.