Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска учествува на четиридневниот Петти конгрес на Светската конференција за уставна правда што започна во вторникот на островот Бали во Индонезија и на кој централна тема е „Ограничување на улогата на уставните судови во одржувањето на мирот”.

Како што соопшти Уставниот суд, со оглед на економската ситуација во земјава и мерките за штедење кои ги спроведува Судот, Кацарска одлучи делегацијата на Уставниот суд да не патува на Бали, поради трошоците кои изнесуваат околу 14 илјади евра, и присуството на Конгресот е заменето со онлајн учество.

На сесиите на Конгресот одделно се дискутира на темите „Основни принципи: Заштита на човековите права, демократијата и владеењето на правото како предуслов за мир“, „Апликации до уставните судови”, „Независноста на уставните судови (преглед)“ и „Базата на податоци на Венецијанската комисија”.

Светската конференција за уставна правда обединува 119 уставни судови и совети и врховни судови во Африка, Америка, Азија, Австралија/Океанија и Европа и има за цел да ја промовира уставната правда, како уставна ревизија, вклучувајќи ја и судската пракса за човекови права, како клучен елемент за демократијата, заштитата на човековите права и владеењето на правото.