Од кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски за Zoom.mk велат дека именувањата на генералните конзули не се надлежност на претседателот, туку на министерот за надворешни работи.
-Постапката за именување на генерален конзул на Република Северна Македонија во странство не е во надлежност на претседателот на државата, туку е во надлежност на Министерството за надворешни работи и Владата, и истата е регулирана со Законот за надворешни работи. Постапката за именување генерален конзул ја покренува министерот за надворешни работи, кој до Владата доставува предлог за именување на генерален конзул. По прифаќање на кандидатот од страна на Владата, Министерството бара егзекватура од земјата на приемот, а по нејзиното добивање и завршените подготовки, Владата донесува одлука за именување на генерален конзул. Патентното писмо за генералниот конзул, онаму каде што е потребно, го парафира министерот, а го потпишува претседателот на Владата, велат од кабинетот на Пендаровски за нашиот портал.
Ова доаѓа по информацијата дека тв презентерката Бесмира Ејупи ќе биде назначена за конзул во Њујорк, која според досега непотврдени информации ја предложил Бујар Османи на синоќешната седница на Владата, која била од затворен карактер. Токму за ова има бурни реакции во јавноста, бидејќи Ејупи нема никакво дипломатско образование, ниту пак искуство.