Доказите за постоењето живот на Марс во далечното минато би можело да се избришани, открива ново истражување на НАСА.

Advertisements

Роверот Кјуриосити дојде до ова откритие додека истражуваше седиментни карпи богати со глина во кратерот Гејл, поранешно езеро создадено кога астероид ја погодил Црвената планета пред околу 3,6 милијарди години.

Глината е добaр медиум за утврдување на докази за постоње на живот, бидејќи таа обично се создава кога во околината има присуство на вода, клучна состојка за појава на живот, која ги раствора минералите содржани во карпите. Глината исто така е одличен материјал и за складирање на микробни фосили.

Но, кога Кјуриосити зел два примерока скаменета глина од исушеното корито на езерото, истражувачите откриле дека еден примерок содржи само половина од очекуваната количина на минерали. Наместо тоа, во примероците е регистрирано поголемо количество железни оксиди, соединенија што ја даваат нијансата на ‘рѓа на Марс.

Тимот верува дека виновникот кој стои зад овој чин на геолошко исчезнување е суперсолена вода што протекла во глинените слоеви богати со минерали и ги дестабилизирала, исфрлајќи ги и бришејќи ги трагите на геолошкиот, а веројатно и на биолошкиот запис.

„Порано мислевме дека откако овие слоеви на глинени минерали се формирале на дното на езерото, тие останале интактни, зачувувајќи ја содржината формирана во текот на милијарди години“, изјавил главниот автор на студијата, Том Бристоу, од Центарот за истражување на НАСА.

„Но, подоцнежните солени раствори ги разбиле овие глинени минерали на некои места – во суштина го ресетирале записот во карпите“, додал Бристоу.

Процесот на хемиска трансформација во седиментите се нарекува дијагенеза и може да создаде нов живот под површината на Марс, дури и кога се избришани некои докази за евентуално постоење на претходни форми на живот, велат авторите на студијата. Тоа значи дека иако старите записи за животот би можело да се избришани од хипер солените раствори, хемиските услови што ги донел приливот на солената вода може да овозможила друг вид на живот да се појави на тоа место, додаваат научниците.

„И покрај тоа што дијагенезата може да ги избрише знаците на живот во оригиналното езеро, таа создава хемиски градиенти неопходни за поддршка на животот на подлогата, па затоа сме навистина возбудени што го откривме ова“, изјавил Џон Гретцингер, коавтор на студијата.

Мисијата на Кјуриосити на Марс започна пред девет години, а сега дејствува  заедно со новиот ровер „Perseverance Mars“, кој слета во февруари 2021 година и има за задача да собере примероци од карпи и почва.

„Научивме нешто многу важно: Постојат некои делови од карпестиот покривач на Марс коишто не се толку добри во зачувување на доказите за минатото и можниот живот на планетата“, вели коавторот Ашвин Васавада.

Истражувачите ги објавија своите откритија месецов, во списанието Science.