Познат е конечниот состав на кошаркарската репрезентација на Соединетите Американски Држави на претстојното Светско првенство што ќе се игра во Јапонија, Филипини и Индонезија. Џош Харт ја прифати поканата да биде дел од тимот, со што се познати сите 12 играчи кои ќе ги бранат боите на американската репрезентација на Мундобаскетот.
Комплетираниот ростер го сочинуваат:
Тајрис Халибартон, Џејлен Брaнсон, Остин Ривс, Ентони Едвардс, Џош Харт, Микел Бриџис, Кам Џонсон, Брендон Инграм, Паоло Банкеро, Џарен Џексон Јуниор, Боби Портис и Вокер Кеслер.
САД ќе играат во групата Ц заедно со Јордан, Грција и Нов Зеланд. Според проценките на ФИБА, кошаркарите на САД се првите фаворити за златниот медал на претстојното СП кое ќе трае од 25 август до 10 септември. Зад нив се Шпанија, Франција, Австралија, Словенија, Канада, Германија и Србија.
Американците последен пат беа светски шампиони во 2014 година, кога во финалето ја совладаа Србија. Aмериканците се актуелни олимписки шампиони, а на најголемиот спортски настан освоија вкупно 16 злата.