Јавниот обвинител Љубомир Јовески во изјава за тв Телма изјави дека до моментов Обвинителството нема нови информации во врска со сообраќајната трагедија, ниту има договор со бугарските истражители за достава на сите информации.
„Ние сме убедени во професионалноста на бугарските обвинители и дека ќе ги расветлат сите околности околу трагедијата“, вели Јовески.
„Ние уште вчера се договоривме со обвинителот кој ја води истрагата во Бугарија да обезбедиме биолошки траги од роднините на загинатите. Уште вчера во Институт за судска медицина беа собрани поголемиот дел од овие траги. Сабајлето бев информиран дека уште два-тројца членови на семејствата треба да дадат биолошки траги и очекуваме во текот на денешниот ден да заврши овој процес. Договорени сме со бугарскиот обвинител да прати истражители за да му ги доставиме примероците од ДНК анализите кои ќе се извршат во Скопје и кои ќе се споредат со податоците од обдукциите на починатите и ДНК анализите извршени во Софија“, нагласи Јовевски.
Јавниот обвинител рече дека засега не може да каже кога ќе биде испраќањето на посмртните останки од Бугарија во земјава, но сепак, очекува дека тоа скоро ќе се направи.