Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески смета дека со измените на Крвичниот законик ќе се направи приод кон заштита на определени вредности и соодветно на тоа ќе се предвидат соодветни законски санкции.
-Веднаш да истакнам дека и во двете работни групи има претставници на Обвинителството. Во делот на измените на Крвичниот законик очекувам дека ќе се кодифицираат, односно ќе се внесат кривичните дела во кои се во посебни закони и дека акцент ќе се стави на законското одмерување на казната. Кога го велам ова, мислам на повеќето измени во годините наназад што се вршени на Кривичниот законик и изместени се или нецелосно се заштитени вредностите коишто се сака да се постигне со определени кривични дела, вели Јовески во интервју за МИА.
Тој посочува дека во сегашната состојба во Кривичниот законик имаме и за основното дело, и за потешкото дело предвидена иста кривична санкција.
-Верувам дека сега во овие измени ќе се направи еден навистина приод кон заштита на определени вредности и соодветно на тоа ќе се предвидат соодветни законски санкции, додава Јовески.
Досегашниот Закон за кривична постапка, државниот јавен обвинител го оценува како неефикасен, бидејќи во него се задржани одредби и од поранешниот закон, но и нови одредби кои едни со други не се компатабилни, честопати создаваат потешкотии во нивната примена.
Во однос на подолгото траење на постапките, Јовески посочува дека, сами може да се увериме оти одредени предмети долго траат затоа што почнуваат од почеток.
– За да се избегнат ваквите состојби очекува дека во новиот Закон за кривична постапка да се определат решенија за дисциплинирање на учесниците во делот на главната расправа од една страна, а од друга страна ќе се процени потребата, односно да се овозможи можност кога ќе се измени дел од Судскиот совет или кога ќе помине определено време главната расправа да не почнува одново, туку да продолжи во тој момент или тоа да се остави на оценка на Советот кој постапува како тие прашања ќе ги разреши во конкретниот случај, и доколку најде дека треба определени докази да се изведат пред тој нов изменет совет, само да ги изведе тие докази, подвлече државниот јавен обвинител.