Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески денеска на прес конференција информираше дека во изгорениот автобус е пронајдено уште едно тело на починат патник.
Истото е пренесено во Институтот во Бугарија.
„Се работи за лице на помлада возраст. Во несреќата настрадале 45 патници, а седум се пренесени на лекување во софиската болница“, изјави Јовески.
Прашан како четири дена по настанот е пронајдено уште едно тело, Јовески рече дека Обвинителството беше транспарентно во целиот процес и се што е преземено е соопштено на јавноста.
„Апсолутно сум уверен дека нема никаков сомнеж во пронаоѓањето на уште едно тело, затоа што од сликите што ги видовте, автобусот е многу оштетен. При соодветните вештачења во дел од автобусот е пронајдено уште едно тело. Според тоа, ја уверувам јавноста да нема никаков сомнеж во тоа и тоа ми го потврдија и бугарските обвинители и ова е неспорен факт“, изјави Јовески.
Во однос на т.н. „осми патник“, Јовески рече дека сето тоа ќе се утврди во текот на истрагата што ја водат бугарските власти.
„Осмиот патник го споменува само еден од повредените патниците, додека документацијата покажува нешто друго. Во болницата на лекување се донесени седум патници“, изјави Јовески.