За разлика од поранешниот период сега во Јавното обвинителство ние имаме отворени предмети за носители на актуелната власт, за висок функционер во Владата, за државен секретар во едно од министерствата, потоа има за обвинители, судии и според тоа моја оценка е дека Обвинителството не постапува селективно, туку се држи до рамките на законот и неселективната правда, вели во интерју за РСЕ, јавниот обвинител Љубомир Јовески.
„Не е занемарлив податокот за скокот од 24 места во однос на индексот за перцепција на корупцијата. Тука само да дополнам дека и во извештајот на Стејт департментот на САД се нотира зголемената борба против организираниот криминал и корупцијата, а исто така тоа е заклучокот и во извештајот на Европската унија. Ако се имаат предвид овие податоци, овие оценки во овие извештаи, ќе се види дека има напредок во борбата против корупцијата и организираниот криминал во Република Македонија, но мора да се биде искрен и да се признае дека во овие извештаи се нотираат и определени дејствија или активности што треба да ги преземе државата и особено кога зборуваме за надлежноста на Јавното обвинителство.“