Кога бев на местото на настанот имаше четири пластични туби кои што беа празни и воопшто не беа оштетени. Тубите беа позади автобусот, но истражителите ме известија дека тие биле во просторот кај моторот, каде што е сместен акумулаторот и врз него има празен простор и тука се наоѓале тубите. Тој дел од автобусот е најмалку оштетен, делот кај моторот воопшто не е зафатен со пожарот, истакна вечерва главниот јавен обвинител Љубомир Јовески, додавајќи дека и бугарскиот јавниот обвинител кој го води случајот денеска ги демантираше околностите дека во овие туби имало нафта.
Околу утрешната посета на бугарските истражители, Јовески во интервјуто за ТВ Сител наведе дека првенствена цел на посетата на истражителите и на еден јавен обвинител е да се подигнат материјалите од Судска медицина кои се земени од роднините на загинатите и извршените ДНК анализи, кои потоа ќе се компарираат со обдукцијата на загинатите лица во Бугарија и нивната ДНК анализа.
– Целосно е завршено земањето на материјал и извршени се ДНК анализите. Јас имам уверување од директорот на Судска медицина дека утре најкасно до 12 часот овие материјали ќе бидат комплетно обезбедени за да може да им се предадат на истражителите од Бугарија. Верувам дека тоа ќе биде брзо. И бугарската и македонската страна работи на тоа што побрзо да бидат пренесени остатоците во земјата и да бидат предадени на нивните блиски. Утврдувањето на идентитетот на загинатите во незгодата нема да трае долго. Очекувам во следните неколку денови тој процес да заврши. Јас имам информација дека обдукциите во Бугарија се завршени, извршени се ДНК анализи на загинатите. Таму ќе треба само тие податоци да се споредат, верувам дека тој процес нема да одземе повеќе од неколку денови, истакна Јовески.
Околу информацијата дека автобусот го напуштиле осум патници, тој рече дека според изнесеното од едниот од патниците кои се во болница, тоа е точно.
– Да точна е информацијата дека автобусот го напуштиле осум патници, тоа е информација од патникот кој што беше во болницата и којшто фактички го скршил задното стакло на автобусот, беше кажана таква информација, но тоа е сепак само негово забележување, јас верувам дека овие факти, овие околности ќе се уточнат врз основа на материјалните траги, рече обвинителот.
Тој наведе дека има информација оти патниците во тие четири автобуси, кои заедно заминале на патувањето, често ги менувале своите седишта, односно некои од нив од еден се префрлувале во друг автобус, во моментот кога застанувале на бензинските станици или да одмараат.
Јовески додаде дека на местото на несреќата се сретнал со сопственикот на компанијата „Беса транс“, но не разговарал со него во врска со несреќата, бидејќи се уште не знаат какво ќе биде неговото својство во постапката.
Тој посочи дека на бугарските обвинители им ветиле дека ќе ја обезбедат целата потребна документација за постапката.
– Од фирмата „Беса транс“ е запленета целата документација што тие ја имале во делот на ова патување за четирите автобуси. Одземени се компјутерите на кои треба да се изврши вештачење. МВР постапува во делот на регистрацијата на ова возило, Царината во делот како го напуштило и како е евидентирано ова возило на граничниот премин, а Министерството за транспорт за документацијата за давање на лиценците за оваа компанија за вршење на транспорт и колку автобуси и кои автобуси се пријавени. Бугарските обвинители ќе побараат од нивните гранични термини, колку автобуси, кои патници се евидентирани на граничниот премин, веќе ги обезбедија камерите кои што може да помогнат во оваа ситуација, нагласи Јовески.