Владата да ги преземе сите неопходни чекори за инвестициите што приватниот сектор сака да ги прави во фотоволтаици сончеви колектори да можат да се реализираат што е можно полесно и побрзо од административен аспект. Ова го изјави економистот Зоран Јовановски, поранешен потпретседател на СДСМ во синоќешното издание на емисијата Дебати на ТВ Шења.
Јовановски истакна дека Стопанската комора и сугерирала на Владата дека една од економските мерки на подолг рок може да биде олеснување на процедурите за поставување на сончеви колектори од страна на приватниот сектор.
„Приватниот бизнис сектор сака тоа да го прави. Компаниите сакаат на покривите од погоните да стават панели и сакаат на тој начин дел од струјата што ја користат да ја користат од сончева енергија, да си намалат од тоа што го користат од друго место и едноставно да си намалат од цената“, изјави Јовановски.
Јовановски додаде дека има најави дека се работи на укажувањата на Стопанската комора и дека се работи на решение, што драстично треба да ги олесни инвестициите.
„Во моментот тоа е една од најдобрите инвестиции што приватниот сектор може да ја направи- да инвестира во енергија“, подвлече Јовановски.