Македонскиот ракометен шампион Вардар и официјално останува без хрватскиот интернационалец Ловро Јотиќ. По само една година ќе го напушти тимот на Вардар откако хрватскиот бек не успеа да се наметне како лидер на бековската линија на „црвено-црните“.
„Среќен сум што ќе бидам дел од тимот на Лајпциг следната сезона. Со доаѓањето овде, добивам шанса да настапувам во најдобрата лига во Европа. Ова е нов предизвик за мене кој со нетрпение го очекувам“, порача Ловро Јотиќ за порталот на Лајпциг.
Тој од германскиот тим доби едногодишен договор, со можност за продолжување за уште една сезона, а вниманието го привлече со учинокот од 40 гола во Лигата на шампионите (ЛШ), како и со настапот во СЕХА минатата сезона, каде што реализира 68 погодоци на 15 средби со што обезбеди место во олстар-тимот.
Покрај Јотиќ и Алушовски, од претходно е познато дека клубот ќе го напуштат Марко Кизиќ, Робин Кантегрел и Иван Чупиќ.
Како нови засилувања ќе бидат Мартин Томовски, Јан Чувара, Анте Кудуз, Едуардо Гурбиндо и Дарко Ѓукиќ. Се најавува дека египетскиот голман Мохамед Ел-Тајар ќе биде на позајмица од Ал Ахли.