Joint Commission International ја достави официјалната акредитација до Клиника Жан Митрев и потврди дека клиниката е здравствен центар со највисоки стандарди од аспект на квалитет на здравствените услуги и грижа за безбедноста на пациентите. Акредитацијата добиена од ЈCI се смета за Златен Стандард во глобалната здравствена нега, а Клиника Жан Митрев овој сертификат го добива по третпат.
„Граѓаните на Македонија треба да бидат горди што вашата организација е фокусирана на оваа предизвикувачка цел, континуирано да го зголемува квалитетот и безбедноста на пациентите на највисоко ниво“, стои во акредитивното писмо испратено до д-р Митрев.
Работата на Клиниката Жан Митрев беше оценувана од тричлена комисија на Joint Commission International, при што беа евалуирани 1200 мерливи елементи и според извештајот завршната оценка е дека се исполнети сите услови за добивање на сертификатот Златен печат. По евалуацијата и оценувањето на целосната работа, комисијата стандардите на Клиника Жан Митрев ги израмни со стандардите на Mayo Clinic, потенцирајќи дека „Клиника Жан Митрев има капацитет и потенцијал да биде Mayo Клиника не само на Балканот туку и за Европа“.
Joint Commission International е формирана во САД во 1994 година како независна непрофитна организација која акредитира и потврдува медицински установи ширум светот.