Поранешната министерката Гордана Јанкулоска на денешната јавна седница во Апелација за случајот “Таргет и Тврдина” истакна дека пресудата за овој случај, со која е осудена на 4 години затвор, е куриозитет, пренесува Фокус.
-Имавме една постапка која се надевам друг пат нема да се повтори, истакна екс министерката на почетокот.
Таа не се гонеше за нелегалното прислушување, туку само за уништување на еден од системите за прислушување, па во жалбата го спореше вештачењето за вредноста на опремата.
Истакна дека вештачењето е изготвено од лице без лиценца, како и дека проценетата вредност не е таа која ја кажал тој вештак со оглед дека технологијата во меѓувреме застрела и изгубила на вредност.
“Таргет-Тврдина“ беше еден од најважни предмети на СЈО. На 29 март 2016 година прво беше отворена истрага „Тврдина“ за уништување на системите за следење на комуникациите во УБК, а на 17 ноември истата година беше отворена и истрагата со кодно име „Таргет“ за масовното прислушување. Поради нивната поврзаност, кога поднесе обвинение, СЈО ги спои двата предмета во еден.