Вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија, во периодот јануари – мај 2021, изнесува 2 825 215 000 евра и бележи пораст од 44.3 отсто во однос на истиот период од претходната година.
Вредноста на увезената стока, во периодот јануари – мај е 3 834 407 000, што е за 39.5 проценти повеќе во споредба со првите пет месеци лани, соопшти Државниот зваод за статистика.
Трговскиот дефицит изнесува 1 009 192 000 евра, а покриеноста на увозот со извоз е 73.7 отсто.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта и фероникелот. Во увозот се застапени најмногу другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба, платината и легурите на платина, необработени или во прав и нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови).
Во периодот јануари – мај 2021 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и НР Кина.