Ова е говорот на Рамадан Рамадани, писател и активист на конвенцијата за промоција на Стево Пендаровски за претседателски кандидат.
Почитуван претседателе на републиката, почитувани претседатели на политичките партии, почитувани екселенции амбасадори, почитувани министри, дами и господа, ве поздравувам во сите наши јазици кои ги знам, секако почнувајќи од мојот мајчин јазик албански: Мирмрама, ији акшамлар, добро вече и добар вечер.
Политичкиот моментум во кој се наоѓа Македонија изискува да почнеме со кратка анализа за да се потрудиме да го објасниме контекстот на ова конвенција, но и за да бидеме разбрани добро, на сите јазици и од сите граѓани.
Спроведувањето на претседателските избори заедно со парламентарните очекувано ќе донесе повеќе поголем одѕив, посебно во вториот круг и секако исполнување на предвидениот цензус. Така гледаме дека во сериозни анализи, внатре и надвор од земјата веќе не се спомнува можноста на пропаѓање на претседателските избори заради неисполнет цензус. Но ова спојување на изборите донесе и релативно голем број на кандидати за претседателските избори. Имаше и кандидати во обид, кои ниту собраа потребните потписи ниту обзнанија докрај која беше намерата за таква сепак јавна бламажа. Освен да некогаш и некаде речат дека биле кандидати во обид?!
Други некои кандидати ги гледаме дека се кандидати чисто од партиски побуди. Значи не политички, туку простум партиски. Иако и тие побуди тешко се објаснуваат кога парламентарните се веднаш во вториот круг, со веќе претходно направени коалицирања и утврдени кандидати. Така мерењето на подршката за две недели подоцна парламентарните избори нема да им биде од фајде на токму тие партии и политички групирања а дури може и да наштети-покажувајќи дека немаат доволен број на гласови ни за освојување на еден пратенички мандат, во некоја или во сите изборни единици. Ама ете се потрудиле, ќе може да каже некој трудејќи се да ги оправда со легитимноста на трудот. Но, работата во полза на сопствената штета во ваков систем може да е легален, но гледано од аспект на краен резултат не можеме да тврдиме дека е и легитимен.
И трети кандидати кои се кандидираат за претседател ама со програма за промена на претседателскиот изборен систем, нешто како хара-кири претседатели. Барем да речеа изберете не нас, зошто ние сакаме да сме: последните претседатели. Политички пак би било глупаво, но барем по поетично би звучело. А тоа е така затоа што програма за промена на начинот на избор на претседател би требало да е понуда за парламентарните избори. Не вака програма на претседател, за авто-укинување на претседател?!
Кога веќе го спомнавме Уставот, според тој кој се прогласени овие избори, сега и тука, во уставот изричито стои дека Претседателот ја претставува Републиката. Тој е симболот на заедништвото на нацијата. И мислам дека токму во овие сентенци на Уставот е она според кој мнозинството на граѓаните ќе го препознаат вистинскиот кандидат и секако ќе изберат претседател, значи според тоа; кој е повеќе наш! За сите граѓани! Тоа што мислам дека ќе биде пресудно е дека граѓаните ќе знаат да кажат извинете вие партии и политичари, наши, ваши, но ние сме граѓани и луѓе и овде избираме човек. А тој мора да биде за сите наш! Ова ќе морам да го кажам и на албански, и за себе а и има рима: Na fal, oj Parti ama këtu ne zgjedhim njeri!
Веројатно ние сите тука присатни знаеме кои се другите кандидати, третите понуди и четвртите имиња и можеме веднаш да одредиме дека токму претседателот Стево Пендаровски го исполнува овој принцип, да е за сите наш! Тој беше и е наш маалски претседател по тоа што е од маало и знае што е мааало. Беше и е селски по сите оние запоставени села кои се виде дека ги знае и ги посети. Секако е градски заради секој град и гратче кое не го заборави. И е светски; светот го знае, а и научно знае како овој свет функционира, свет каде веќе достојно не претстави, цел еден мандат. Без ниеднаш да не посрамоти.
Секако дека е полесно сега во втор мандат да кажеме зошто тоа е господинот претседател Стево Пендаровски. Кој како и секој друг претендент за преставник повеќе докажува со тоа што веќе го направи. А што беше тоа што го направи: беше претседател за сите. Според Устав, закон и ингеренции.
Така јас би сакал да издвојам две, наизглед мали работи, кои веќе ги направи во овој мандат а кои ќе влезат како посебни, големи поглавља, во незавршената историја на Македонија, за тоа како се градеше ова наша нација, со сета за тоа потребна консолидација и кохезија. Првото е; приемот на првите членови албанци во елитната единица на Волци. А за да разбереме колку е голема и важна за кохезија на нација, таа наизглед мала работа, само треба да се присетиме дека кога Нуредин и Неџат, беа примени во волци, мислам дека така се викаа тие наши војници, со кои се гордееме и им благодариме за службата на нацијата. Значи до септември 2019 година кога претседателот ги назначи, имавме веќе 28 години самостојна држава Македонија. И во неа, скоро секогаш, политички преставници на албанците, па дури и имењаци и презимењаци на овие наши војници. Многу и Нуредина и Неџата. Безброј партии, движења и секакви политички иницијативи, а ниедна од нив не го направи овој политички, пак ќе напоменам, историски гест за држава и нација. Само претседателот Стево Пендаровски, секако не како македонец или заради некоја друга идентитетска свесност или квалификација туку како тоа што и беше: претседател на цела Македонија!
И другото беше гестот со поведување за рака во школо на она девојчето од Гостивар. Сите го памтиме тој гест. И сите се почуствувавме како попреставени тоа утро и како позаштитени тој ден. Тоа не беше ПР како сакаа лефтерно да објаснат некои. Тоа беше чин, историски, со сите нишани. Еве тука имаме професори, експерти, и ПР мајстори, тие нека ви потврдат: џабе се сите ПР и маркетиншки финти, ако субјектот ја нема таа рака, тој од до школото, тоа татковство и заштитништво кое го пренесе кај сите нас граѓаните. Тоа го прави само некој кој е навистина наш. Ви благодариме за тоа чуство тогаш и ви благодариме што се кандидиравте пак да бидете наш претседател! Ви благодарам!
Рамадан Рамадани
(писател и активист)
Целосниот говор одржан на конвенцијата за Претседател Стево Пендаровски, Скопје на 02.04.2024 година























