Водењето бизнис во Македонија е генерално лесно, а законската рамка е во голема мера усогласена со меѓународните стандарди, иако корупцијата останува постојан предизвик, се наведува во извештајот на американскиот Стејт департмент за инвестициската клима за 2025 година.
„Големите странски компании што работат во Технолошките индустриски развојни зони генерално пријавуваат позитивни инвестициски искуства и одржуваат добри односи со владини претставници,“ се вели во документот.
Извештајот посочува дека земјата е кандидат за ЕУ од 2005 година и членка на НАТО од март 2020 година, и дека останува отворена за американски комерцијални инвестиции.
„Целокупната регулаторна средина во земјата останува комплексна, а честите регулаторни и законски промени, заедно со недоследното толкување на правилата, создаваат непредвидлива деловна средина погодна за корупција,“ стои во извештајот.
Транспаренси Интернешнл ја рангираше Македонија на 88 место од 180 земји во Индексот на перцепција на корупцијата за 2024 година, со резултат 40 од 100.
Се посочува дека во 2024 година беа забележани ограничени напори за привлекување нови инвестиции, а Владата беше фокусирана на енергетска ефикасност, поддршка за ранливи домаќинства и ублажување на инфлацијата. Истовремено, ангажирани беа странски компании за јавни проекти во транспортната и енергетската инфраструктура.
Во извештајот се наведува дека Државната комисија за спречување на корупција отвори неколку истраги, вклучувајќи и против високи функционери, „иако само неколку резултираа со кривично гонење“.
Дигитализацијата и зелената енергија се наведени како области со потенцијал за американски инвестиции, поради посветеноста на Владата да ги поддржи овие сектори.
Како предност се наведува геостратешката положба на земјата на коридорите VIII и X, што овозможува поблиска поврзаност со потрошувачките центри во Европа.
„И покрај владините мерки за поддршка, БДП во 2024 година порасна за 2,2 проценти, при што реалниот БДП се проценува на 12 милијарди долари,“ се наведува во извештајот. Во него се посочува и дека стапката на невработеност во вториот квартал од 2024 изнесувала 12,5 проценти.
Според извештајот, во „Планот за забрзување на растот“ Владата постави цел просечната стапка на раст на БДП да се зголеми на 5 проценти во периодот 2022–2026, со создавање 156.000 нови работни места и намалување на невработеноста на 8,6 проценти.
Текстот Извештај на Стејт департментот: Македонија отворена за инвестиции, корупцијата кочница за бизнисот е превземен од МАКФАКС.