Употребата на шпионскиот сoфтвер „Пегаз“ очигледно била широко распространета во земјите на ЕУ, се заклучува во извештајот на истражниот комитет на Европскиот Парламент.
„Владите на членки на ЕУ го користеа овој софтвер против граѓаните за политички цели“, е заклучокот од објавениот нацрт-извештај во кој се наведува дека постојат индиции дека тоа го сториле Полска, Унгарија, Грција, Кипар и Шпанија.
Критикувана е и Австрија, бидејќи поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц има блиски врски со сопственикот на израелската компанија НСО, која го разви „Пегаз“.
Дополнително, во извештајот се наведува дека седиштето на компанијата DSIRF (Decision Supporting Information Research and Forensic), која важи за провајдер на софтвер за шпионажа, се наоѓа во Австрија, а високи функционери на таа компанија имаат, како што се наведува во извештајот, контакти со Русија и Кремљ.
Откако експертите за безбедност на Мајкрософт го обвинија DSIRF дека стои зад серија дигитални напади врз банки, адвокатски фирми и стратешки компании во најмалку три земји, државната безбедност на Австрија спроведе истрага, но не најде докази за примена на шпионски софтвер.
DSIRF разви софтвер наречен „Subzero“ кој користи таканаречени Zero-Day-Exploits за да добие пристап до доверливи податоци и лозинки, соопшти Мајкрософт во јули.
„Развојот на „спајвер“ во земјите-членки на ЕУ е голема закана за демократијата на целиот континент“, нагласи надлежната известувачка на Европскиот парламент, Холанѓанката Софи ин т Велд. Според неа, „спајверот“ не само што ги нарушува правата на приватната сфера, туку ги поткопува демократските институции и ги замолчува опозицијата и критичарите. Таквиот софтвер, додава таа, има застрашувачки ефект врз слободата на печатот и граѓанското општество и служи за влијание врз изборите.
– Тоа е европски скандал, бидејќи беа нападнати и институциите на ЕУ, а тоа влијаеше и на одлучувањето во Унијата, тврди Т Велд. Таа се пожали дека ниту една официјална институција не сакала да соработува со неа во подготовката на извештајот, а Советот на ЕУ не одговорил на прашањата на Европскиот Парламент во врска со тоа. – Затоа сликата не е целосна, имаме само 900 парчиња од сложувалката од 1.000 парчиња, појасни таа.
– Европската Комисија бучно се залага за демократија и борба против лажните вести,па така и неодамна кога беше преземен Твитер. Но, кога нападите врз демократијата доаѓаат одвнатре, Комисијата молчи, рече Т Велд. Таа оцени дека Европската Комисија „му покажува мускули“ на Илон Маск, но со кадифени ракавици им се обраќа на членовите кои користат шпионски софтвер против своите граѓани.