Северна Македонија сè уште ги нема усвоено уставните измени со кои треба да бидат вклучени граѓаните што не припаѓаат на мнозинскиот народ, меѓу кои и Бугарите, иако земјата се обврза тоа да го направи. Ова се наведува во годишниот извештај на Европската комисија (ЕК) за напредокот на кандидатите за членство во Европската унија, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.

Во документот се потенцира дека постојните билатерални договори – Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија – мора да се спроведуваат совесно од сите страни.

„Властите продолжија да работат на патокази во областа на владеењето на правото, реформата на јавната администрација и функционирањето на демократските институции, како и на акционен план за заштита на малцинствата,“ стои во извештајот на Комисијата.

Според Европската комисија, Северна Македонија треба да ги засили напорите за утврдување на владеењето на правото, особено во заштитата на независноста и интегритетот на судскиот систем. Комисијата оценува дека земјата постигнала ограничен напредок во областа на правосудството и борбата против корупцијата.

Во извештајот се наведува дека Северна Македонија целосно ја усогласила својата надворешна и безбедносна политика со политиката на Европската унија. Земјата е меѓу државите што се приклучија кон Конвенцијата за заеднички транзит, спогодба што го олеснува и забрзува прекуграничното движење на стоки.

Како позитивен развој, Европската комисија го издвојува активирањето на Советот за соработка меѓу владата и граѓанското општество, но истовремено забележува дека Северна Македонија има помал напредок во однос на плурализмот, слободата на медиумите и слободата на изразување.

Комисијата соопшти дека Северна Македонија е меѓу земјите на кои им се одобрени дополнителни финансиски средства преку Планот за раст на Западен Балкан, „како признание за значителниот напредок во реформите“.