Израелските сили привеле палестински цивили, главно мажи, во Газа за време на двата месеци од војната, според членовите на семејствата и групи за човекови права, кои велат дека не добиле информации за локацијата, условите на притвор или обвиненијата против исчезнатите, објави „Вашингтон пост“.
Многу од приведените биле приведени од израелските сили додека бегале на југ или за време на израелските операции на север, велат пријателите и роднините во повеќе од десетина интервјуа за Вашингтон пост. Некои од нив биле чувани со часови надвор или во метални приколки и потоа пуштени. Други се уште се водат како исчезнати.
Членови на семејства изјавија за „Вашингтон пост“ дека виделе како израелски војници ги приведуваат нивните роднини, кои не се поврзани со Хамас или вооружени групи, и оттогаш немаат слушнато ништо за нив.
Израелските сили соопштија дека апсат членови на Хамас и оние вклучени во нападот врз Израел на 7 октомври. Сепак, израелските власти не открија колку луѓе привеле, кои се правните основи за тоа и каде се држат, вклучително и дали во Газа или во Израел. Шин Бет се уште не одговорил на барањата на Вашингтон пост за коментар.
„Вашингтон пост“ забележува дека тоа е систематска практика што предизвикува загриженост кај организациите за човекови права и семејствата на притворените цивили.