Во Израел денеска е соопштено дека во последните 24 часа се регистрирани повеќе од 6.000 нови случаи на инфекција со коронавирус, најмногу од почетокот на февруари.
Притоа израелските здравствени власти наведуваат дека биле направени повеќе од 130.000 тестови, а речиси пет проценти се позитивни.
Речиси 400 пациенти се во сериозна здравствена состојба, главно од март, и 64 на респиратор, два дена откако израелската Влада ги заостри ограничувањата во обид да го спречи ширењето на делта сојот во земјата.
Во меѓувреме, околу 577.000 лица ја примија и третата доза на вакцината, а 5,4 милиони од вкупните 9,3 милиони жители се ревакцинирани, пренесуваат израелските медиуми.
Во Израел, сепак, се уште има околу милион граѓани на возраст од 12 години и постари кои не ја примиле првата доза.
Американските Центри за контрола и превенција на болести вчера го додадоа Израел на листата на земји со најголем ризик и ги советуваат своите граѓани да ги избегнуваат патувањата во оваа блискоисточна земја.
Тие, исто така, предупредија дека поради моменталната ситуација во Израел, дури и целосно вакцинираните патници може да бидат изложени на ризик да се заразат и да го шират вирусот.
Препораката ги вклучува и Западниот брег и појасот Газа.
Израелските граѓани повторно се загрижени од нов локдаун, но министерот за здравство Никан Хоровиц вчера кажа дека општиот карантин е последната опција и дека владата ќе стори сé да спречи до тоа да дојде.
-Коронавирусот нема наскоро да исчезне, рече Хоровиц, објаснувајќи дека земјата се подготвува да живее со вирусот уште долго време.
Покрај воведувањето пропусници за вакцинираните лица, за оние кои прележале Ковид-19 или имаат негативен тест, Израел ги заострува мерките и на границите.
Патниците кои доаѓаат од речиси сите земји во светот, освен десет од листата, ќе мора да одат во продолжена изолација, без разлика дали се вакцинирани.