Израел побара помош од Бугарија за справување со горските пожари кои избувнаа во близина на Ерусалим, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.
Министерот за одбрана на Израел, Јоав Галант, нареди воените сили да се вклучат во поддршка на пожарникарите кои се борат со огнената стихија.
Во Израел е прогласена „национална вонредна состојба“. Покрај Бугарија, Израел побара помош и од Кипар, Грција и Италија, соопшти АФП.
Спасителната агенција Маген Давид Адом (МДА) извести дека стотици цивили се загрозени. 16 лица се лекуваат од лесни повреди поради вдишување чад. Полицијата го затвори главниот автопат Ерусалим-Тел Авив. Жителите се евакуирани бидејќи пожарите повторно избувнаа во областа, која веќе беше опустошена пред една недела.
„Се соочуваме со вонредна ситуација од национален обем и сите достапни сили мора да се мобилизираат за спасување на животи и контрола на пожарите“, изјави Галант. Пожарите се прошируваат во шумските предели близу автопатот помеѓу Латрун и Бет Шемеш. Населбите на околу 30 км западно од Ерусалим се евакуирани. Високите температури и силните ветрови го забрзаа ширењето на пожарите.
Министерот за национална безбедност, Итамар Бен Гвир, кој ја контролира пожарната служба, ја посети погодената област. Во видео-обраќање, тој вети дополнителна помош и евакуација на загрозените цивили.