Во услови на високи тензии, Израел и Иран тајно разменија пораки, со посредство на Русија, уверувајќи се едни со други дека нема да извршат први напад.
Неколку дена пред да избувнат протестите во Иран кон крајот на декември, израелските власти го информираа Техеран преку Москва дека нема да го нападнат Иран доколку први не бидат нападнати.
Иран одговори преку истиот канал дека ќе се воздржи и од превентивен напад, изјавија дипломати и регионални претставници запознаени со комуникациите, според „Вашингтон пост“.
Комуникациите се невообичаени со оглед на непријателството меѓу двата блискоисточни соперници, кои водеа 12-дневна војна минатиот јуни.
Според дипломатите, контактите ја одразуваа желбата на Израел да избегне ескалација додека се подготвува за воена кампања против Хезболах, либанска милиција во сојуз со Иран.
Приватните уверувања беа во спротивност со јавната реторика на израелските претставници кон крајот на минатата година, кога отворено алудираа на можноста за нови напади врз Иран за да се запре неговиот арсенал од балистички ракети.
Иако иранските претставници позитивно одговорија на израелската иницијатива, тие останаа претпазливи, изјавија двајца претставници запознаени со размената. Иран верува дека дури и ако израелските гаранции се искрени, останува отворена можноста американската војска да започне напади врз Иран како дел од координирана кампања, додека Израел ќе ја фокусира својата воена моќ исклучиво врз Хезболах.
Сепак, „за Иран беше добра зделка“ да се држи настрана од потенцијален конфликт меѓу Израел и Хезболах, изјави висок регионален претставник кој зборуваше под услов да остане анонимен. Американски претставници изјавија дека иранската поддршка за Хезболах веќе се намалила додека Техеран се справуваше со внатрешни немири.
Текстот Израел и Иран постигнаа таен договор преку Русија е превземен од МАКФАКС.























