Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, денеска упати жестоки обвинувања на сметка на Израел, нарекувајќи ја државата „опасен, смртоносен канцероген тумор“ кој, според него, треба да биде целосно искоренет од Блискиот Исток.

„Без сомнение, во овој регион, изворот на корупција, војна и конфликт е ционистичкиот режим – опасен, смртоносен канцероген тумор – и тој мора да биде искоренет, и ќе биде искоренет“, изјави Хамнеи, пренесуваат британските медиуми.

Според него, Израел претставува корен на дестабилизација во регионот, со постојано поттикнување на тензии и насилства. Оваа изјава доаѓа во време на засилени тензии меѓу Техеран и Тел Авив, како и на зголемениот дипломатски ангажман на САД на Блискиот Исток.

Хамнеи упати критики и кон американскиот претседател Доналд Трамп, нарекувајќи ги неговите изјави за Иран недостојни за одговор.

„Тоа што го зборува Трамп не е вредно за коментар. Тој лаже кога вели дека сака мир, а во исто време се заканува со ‘нешто многу лошо’ ако Иран не одговори на американските предлози за нуклеарната програма“, додаде иранскиот лидер.

Изјавите доаѓаат по посетата на Трамп на земјите од Заливот, каде што ја повтори својата тврда реторика кон Иран, обвинувајќи го режимот во Техеран за дестабилизација на регионот и поддршка на тероризмот.