Утре (12 декември) со почеток од 20 часот во галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на улица „Дрезденска“ б.б. ќе биде откриена изложбата на дела на професори од Националната академија за ликовни уметности во Софија, насловена „Дијалог преку уметност“.
На изложбата ќе бидат претставени 40 уметнички дела на 18 професори на академијата во Софија. Автори се: Елизар Милев, Красен Троански, Венцислав Шишков, Розина Макавеева, Васил Колев, Зоран Мише, Емануела Ковач, Здравка Василева, Кирил Божков, Николина Енчева, Кристина Борисова, Георги Јанков, Гергана Табакова, Светозар Бенчев, Љубомил Драганов, Бојана Павлова, Капка К’нева, Манja Вапцарова.
Изложбата на професорите од Националната академија за ликовни уметности во Софија, има за цел зајакнување на врските помеѓу Националната академија на ликовните уметности и Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот во Скопје „Св. Св. Кирил и Методиј“. Токму преку уметноста организаторите на изложбата – Министерството за култура на Република Бугарија и Националната академија на уметностите, водат директен дијалог со нашите блиски соседи од Република Северна Македонија, со што најавуваат подготвеност за развој и надградба партнерството и соработката меѓу двете образовни институции преку спроведување на заеднички уметнички и научни проекти и иницијативи, велат организаторите.
Изложбата „Дијалог преку уметност“ во галеријата на Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот во Скопје „Св. Св. Кирил и Методиј“ дава можност за дискусија на тркалезна маса, со акцент на две главни области: дискусија за актуелните образовни трендови во областа на визуелните уметности и планирање на идни заеднички проекти, кои ќе имаат позитивно влијание врз културниот дијалог и интеграцијата меѓу наставниците и студентите од двата универзитета.
Изложбата се реализира со финансиската поддршка на Министерството за култура на Република Бугарија.