Во Градскиот музеј од Крива Паланка, синоќа беше отворена изложбата „Времеплов“ на академската скулторка Анета Стојчевска, која вушност претставува инсталација со комбиниран медиум.
Инсталацијата е составена од 3 дела, изработени во разновидни техники и медиуми, меѓу кои и видео инсталација со аудио запис „Спомени“ на авторски текст на Мира Ѓеоргиевска. Со ова дело, Стојчевска сигурно и решително чекори во областа на концептуалната инсталација, преиспитувајќи ја потребата и функцијата на постаментот како придружен елемент на скулптурата низ историјата, па се до денес, како и во иднината.
„Оваа инсталација е еден вид ин-ситу уметност која пред да биде реализирана постои како идеја и концепт, а својот облик го добива во самиот простор од кој зависи и кој воедно го менува и трансформира. Од друга страна, модерната и нефигуративна умтност предизвикала значителна промена на општата употреба на основата, или во случајов на постаментот на скулптурата. Таа или е минимизирана, или целосно се губи, претопувајќи се во самата форма на делото. Оттаму и потребата за целосно изоставување на постаментот као посебен, а воедно и составен дел од скулптурата, што се гледа и во инсталацијата на скулпторката Стојчевска“, истакна Ѓорги Костовски, историчар на уметност во Градскиот музеј Крива Паланка.
![]()
Толкувајќи ја замислата на своето дело, авторката истакнува дека преку мноштво примери во историјата се потврдува фразата „се кине таму каде што е најтенко“, дали поради физичката, функционалната истрошеност, дали поради нови тенденции и слично.
„Во стилот на едноставноста ќе додадам дека за среќа некои од напрвените рани „се излечиле“ и навидум исчезнале, или пак некои од повредените форми преминале во нови и други димензии, во нова живост“, рече Стојчевска.
Директорот на Градскиот музеј Драган Величковски истакна дека ова е 12-та изложба во Уметничката галерија за 2024 година и дека е едно убаво заокружување на сезоната во рамки на богатата програма на „Крива Паланка –Град на културата“.
„За нас особено е значајно кога го претставуваме творештвото на локални автори, бидејќи е полесно кога ќе донесеме уметност „од надвор“, отколку кога се создава тука и на тој начин функционира културата во градот“, посочи Величковски.
Анета Стојчевска е родена во Крива Паланка во 1983 година, а дипломирала на Факултетот за ликовни уметности, отсек скулптура во класата на проф. Станко Павлески, како студент на генерацијата. Досега реализирала повеќе самостојни и групни изложби и инсталации и учествувала на повеќе ликовни колонии.






















