На 4 септември, во галеријата на Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје ќе биде отворена изложбата „Бисерите на Малиот битолски Монмартр“, јавува БКИЦ-Скопје.
Изложбата претставува селекција од 20 дела на 15 млади автори од различни држави, наградени на годишниот конкурс на Светската детска ликовна колонија, организирана од Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ – Битола.
Оваа година во Битола, во периодот од 23 до 31 мај, учествуваа над 150 ученици. Во рамки на колонијата, тие секојдневно по осум часа цртаа мотиви од охридските градби, манастирот „Свети Јован Бигорски“, како и обележја од Битола.
На изложбата се вклучени дела на млади уметници од Бугарија, Албанија, Босна и Херцеговина, Израел, Индија, Турција, Малезија, Полска, Србија, Словачка, Република Северна Македонија, Хрватска, Црна Гора и Чешка.
Настанот е дел од успешното реализирање на 44-то издание на Светската детска ликовна колонија, финансирана од Министерството за надворешни работи на Република Бугарија преку програмата „Оперативна помош за развој“ за Република Северна Македонија.