Во производственото здружение „Севмаш“ во Северодвинск беше лансирана нуклеарната подморница „Хабаровск“, една од најмистериозните во поновата руска флота, способна да го носи беспилотното летало-торпедо „Посејдон“ опремено со нуклеарни боеви глави. Тоа е настан што Москва го опишува како пресвртница во развојот на подводни нуклеарни системи.
На церемонијата зборуваше министерот за одбрана Андреј Белошов, кој нагласи дека „Хабаровск“ значително ќе ја зајакне безбедноста на поморските граници на Русија и заштитата на нејзините национални интереси околу светските океани. Присутни беа и адмиралот Александар Мојсејев, врховен командант на морнарицата, проследен од Андреј Пучков, раководител на Обединетата корпорација за бродоградилиште, и Михаил Будниченко, директор на „Севмаш“.
„Денес е исклучителен ден за нас – беше лансиран крстосувачот со тешки ракети на нуклеарен погон „Хабаровск“, симбол на новата генерација на руската морнарица“, рече Белоусов. Министерот додаде дека се очекува подморницата да помине низ циклус фабрички и државни тестови кои, со оглед на моменталната ситуација, ќе траат најмногу шест месеци.
„Посејдон“ – „Франкенштајн оружје“ без контрамерки
Според поранешниот началник на Генералштабот на морнарицата, адмирал Виктор Кравченко, „Хабаровск“ е специјално дизајниран за системот „Посејдон“. Овој подводен беспилотен уред, кој носи нуклеарно оружје, може да работи на екстремно големи длабочини и растојанија и се смета за еден од најопасните проекти во историјата на модерното оружје.
„Посејдон може да онеспособи цели држави. Нема контрамерки против него“, рече претседателот на Комитетот за одбрана на Државната дума, Андреј Картаполов, додавајќи дека ова оружје претставува клучен елемент во стратешкото одвраќање.
Западните аналитичари го нарекуваат „Посејдон“ „Франкенштајн оружје“ – систем со практично неограничен дострел и можност за преминување на океаните. Според податоците објавени од „Вашингтон пост“, дронот може да носи боева глава со моќност до 20 мегатони ТНТ, што е доволно за уништување на крајбрежните бази, градови и индустриски центри во радиус од десетици километри. Целите, како што е наведено, би можеле да ги вклучат американските поморски бази Норфолк и Сан Диего, како и британската база Девонпорт.
Тестовите предизвикаа одговор од Трамп
По најновите тестови на системот „Посејдон“, претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, објави дека ќе ја започне својата програма за нуклеарни тестови „под еднакви услови“. На платформата Truth Social, тој рече дека е време Америка да ја покаже својата технолошка предност и да ги зајакне своите одбранбени способности.
„Соединетите Американски Држави се далеку пред другите во развојот на нуклеарни подморници и воена технологија. Нашето оружје е најдобро во светот и сите земји сакаат да го купат“, рече Трамп.
Лансирањето на „Хабаровск“ и активирањето на програмата „Посејдон“ ги зголемуваат влоговите во глобалната трка во вооружување. Москва испраќа порака дека има системи што можат да ја пробијат секоја одбрана, додека Вашингтон нагласува дека останува еден чекор понапред. Воените аналитичари предупредуваат дека влегувањето на автономни нуклеарни системи во оперативна употреба може да означи почеток на нова ера на стратешка конкуренција, без постојните механизми за контрола на ризикот, според светските медиуми.
Фото: принтскрин
Текстот Изградена за „Посејдон“: Русија ја покрена нуклеарната подморница „Хабаровск“ е превземен од МАКФАКС.























