Собранието попладнево го донесе Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија, по скратена постапка, јави МИА.
Законот, кој го предложија Јован Митревски, Арбр Адеми, Кастриот Реџепи и Сурија Рашиди, треба да се овозможи реализација на Меморандумот што го потпиша Владата со компанијата „Бехтел и Енка“ како стратешки инвеститор за изградба на автопатите Тетово – Гостивар, Струга – Ќафасан, како и Прилеп – Битола. Со него првпат се предвидува изградба преку нов модел без распишување тендер, за кој власта уверува дека ќе ги даде најбрзите и најоптималните резултати во изградбата на патната мрежа.
Со предложеното законско решенија сe уредува проектирањето и изградбата на инфраструктурата на Коридор 8 и проектирањето и изградбата на инфраструктурата на Коридор 10 д, како поединечни проекти за капитални инвестиции од стратешко национално значење за државата.
Во текот на расправата пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски побара законот да биде повлечен, затоа што смета дека во него треба да се подобрат многу работи и оти со ваква содржина ќе предизвика многу проблеми при реализацијата на проектите.