Изгаснат е пожарот меѓу вештачкото езеро Мантово и местото викано 20 километар на регионалниот пат Штип-Радовиш, информираше портпаролот на Центарот за управување со кризи, Илија Бојаровски.

Гаснењето на пожарот се одвиваше околу шест часа, а беа зафатени од 15 до 20 хектари сува трева, грмушки и квалитетна густа шума кон атарот на село Пиперово. Токму поради ова во акцијата беше вклучен полициски хеликоптер, кој вода полнеше од езерото Мантово.

МИА претходно информираше дека на терен со пожарникарите е и директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, а командирот на ТППЕ-Штип, Дарко Коцев рече дека пожарот е пријавен околу 14 часот. Во неговото гаснење беа вклучени пожарникари од Штип, Радовиш и од Доброволното противпожарно друштво од Општина Конче.

-Досега на територија на Општина Штип на отворено имаме интервенирано на околу 68 шумски пожари, стрништа, ниско стеблеста шума. Ова е првпат оваа година да се вклучи хеликоптер во гаснење на пожарите во штипско-карбинскиот регион, бидејќи досега успевавме сами да се справуваме и да ги гаснеме пожарите, изјави Коцев.