Неприфатливото однесување на министерот за екологија, Изет Меџити, укажува на политичка и финансиска заробеност, што го прави заложник на индустријата за игри на среќа и го спречува да преземе неопходни мерки за заштита на животната средина. Упатуваме јасен повик до Меџити и надлежните институции итно да преземат конкретни чекори за запирање на еколошката катастрофа на Кожув, повика Алијанса за Албанците.
„Алијансата за Албанците најостро го осудува невиденото уништување на животната средина што се случува на планината Кожув, каде компанијата во сопственост на Ѓоко Стерјоски – сопственик на мрежата на казина и обложувалници „Спортлајф“ – уништува илјадници квадратни метри шума за тесни бизнис интереси, притоа загрозувајќи ја биодиверзитетот и сериозно ризикувајќи го еко-системот и квалитетот на живот во целиот регион“, велат од АА.
Ова не е само прашање на животна средина, додаваат од партијата, туку и национално и социјално правно прашање.
„Кожув не е приватна сопственост за бизнис интереси – тој е заедничко богатство на граѓаните и мора да се заштити од секоја закана. Алијансата за Албанците ќе продолжи одговорно и целосно ангажирано да ја следи оваа тема и ќе бара одговорност од секој службеник што ги штети интересите на граѓаните и животната средина. Во следните денови ќе објавиме нови факти за поврзаноста на претставниците на коалицијата ВЛЕН со бизнисите на казина“, велат од АА.
Текстот Изет Меџити заложник на индустријата за игри на среќа, да ја запре еколошката катастрофа на Кожув, бара АА е превземен од МАКФАКС.