На вториот кат на една зграда во Студентската населба во Тетово, пладнево избувна пожар и за среќа има само материјална штета. Први пожарот го забележале станарите кои веднаш излегле од зградата и се јавиле во пожарна. Жителите загрижени велат дека зградата нема хидрант.
„Мислам дека живееја во стан број 4, Сигурно заборавиле некоја греалката вклучена. Во моментот кога забележавме чад, прво го извадив надвор моето семејство, со две момчиња се обидовме да помогнеме, се јавивме во Противпожарна кои беа толку точни и брзи и беа тука. Објектот не поседува хидрант. Треба секој објект да поседува хидрант“, истакна жител.
Началникот на Територијалната противпожарна единица Тетово, Ука Алити, рече дека единицата ги преземала сите мерки, ги евакуирале станарите и го ставиле под контрола пожарот.
„Излеговме со 3 противпожарни возила и 9 пожарникари, така да многу брзо огнот беше ставен под контрола и ги евакуиравме станарите. Мислам дека е завршено се како што треба, не дозволивме пламенот да влезе во другите станови“, посочи Ука Алити.
Секторот за внатрешни работи излезе на местото на настанот и се истражува причината за настанување на пожарот.