Собранието треба најдоцна до сабота да ги распише локалните избори, закажани за 19 октомври 2025, додека вториот круг, ако е потребен, ќе се одржи на 2 ноември. Ова ќе бидат најмасовните локални избори досега, бидејќи ќе се гласа во 80 општини и за Градот Скопје.

Дијаспората нема да може да гласа однадвор – единствена можност е лично гласање во земјата.

Државната изборна комисија (ДИК) веќе работи на подготовките. По распишувањето на изборите ќе биде објавен календар со рокови и активности, а до крајот на август ќе се изберат 21.000 административци за избирачките одбори, кои ќе бидат обучени во септември. Партиите ќе треба да номинираат уште 14.000 членови.

Избирачкиот список ќе биде достапен за увид 15 дена по распишувањето и ќе трае 20 дена, при што граѓаните ќе можат да проверат и коригираат податоци.

Буџетот за изборите изнесува 9,76 милиони евра, од кои две третини се за политичко рекламирање. Остатокот е за надоместоци, логистика и транспорт, а дел ќе покријат и општините. ДИК најавува мерки за заштеда.